ЉУБОВ ГИ ОБЕДИНУВА СВЕТИ ТРИФУН И СВЕТИ ВАЛЕНТИН

Празнувањето на Свети Трифун – христијанин маченик од 3. век има долга традиција кај нас и пошироко во христијанските земји. Овој светител се родил во областа Фригија во селото Кампсада, од благочестиви родители. Уште како дете – момче, се занимавал со напасување на гуски, но поради големата вера и љубов што ги имал, Бог му дал дар на мудрост и чудотворства, така што многу луѓе ги виделе неговите чуда и добивале и исцеление од болестите и страдањата.

Во 225 година во времето на владеењето на Римскиот цар Гордијан, кој иако бил идолопоклоник, не ги гонел христијаните, се случило да боледува од лош дух неговата ќерка Гордијана. Овој лош дух правел таа да се губи и да не знае што прави. Никој од големите лекари и мудреци не можеле да ја излечат. И, според житието на Свети Трифун, самиот ѓавол во неа велел „Никој одавде не може да ме истера, освен момчето Трифун. Царот испратил да се бара такво момче Трифун по целото царство и носеле многумина со тоа име, но никој не можел да ја излечи неговата ќерка. Најпосле го довеле момчето Трифун и тоа со верата и љубовта кои ги и мал и со пост и молитва го истерал лошиот дух од ќерката на царот. За ова бил почитуван и награден од царот, но тоа Трифун го раздал на сиромасите. И многумина станале христијани во тоа време, гледајќи ги чудата на Свети Трифун.

Но подоцна, после владеењето на овој цар, имало цареви кои ги гонеле и убивале христијаните. Во времето на епархот Аквилин, Свети Трифун бил обвинет дека е христијанин и принудуван да принесе жртва на римските богови и да се откаже од христијанството. Ова Свети Трифун не го прифаќал и бил подложен на страшни мачења, но цело време го исповедал Христос како Вистински Бог и Спасител, а римските богови како лажни. Бог му дал сила да истрпи безбројни мачења, и на крајот бил посечен при неговата молитва на Бога. Ова се случило околу 250 година.

Свети Трифун, како чудотворец, има големо почитување како светител маченик, посебно што на неговиот празник се закројуваат и лозјата, а и сите земјоделци го имаат како свој заштитник, бидејќи Божјата помош е неопходна во сî. Ова, што Свети Трифун е поврзуван со природата која се буди, со лозјата и земјоделството, не е никакво оправдување неправилно да се поврзува со пиењето, прејадувањето, дури и да се нарекува со погрдни имиња. Познавањето на верата се гледа и во знаењето за животот и делата на оние кои ги славиме како светители.

Славењето на Свети Трифун, неправедно како да го засенува еден друг празник, кој се слави меѓу младите кај нас во поново време, а на Запад некаде од 14. век со различен интензитет. Тоа е Свети Валентин – светител од 3. век. За Свети Валентин има малку податоци, а многу преданија, а на овој ден во календарот на католичката црква има и други светители со ова име. Овој светител се поврзува со љубовта, заљубените, бидејќи според преданија, токму на неговиот ден, птиците и живиот свет си бараат животни друшки, но и заради тоа што Свети Валентин, како свештеник, склучувал бракови на христијаните, во времето на царот Клаудиј, кој пак заради потребите на својата војска, за да има војници, дури го забранил склучувањето бракови за младите. Заради тоа Свети Валентин е уапсен и затворен, но, тоа што ги благословувал браковите, наишло на големо почитување, посебно од младите, кои го посетувале во затворот. Посебно во ова го почитувала и ќерката на затворскиот управник, која доаѓала да го слуша, и нејзе Валентин кога го носат на смрт í остава порака. Одавде е обичајот, особено на Запад на овој ден да се испраќаат пораки на љубов кон избраните животни сопатници и давањето на подароци. На Запад на овој ден се прават многу венчавања на бракови.

Љубовта е најголема христијанска вредност и треба да ја искажуваме кон Бога, кон нашите ближни и кон оние кои ги љубиме како избраници за заеднички живот. Но, ова не треба да биде само во еден ден во годината, туку постојано, бидејќи љубовта му дава смисол на човечкиот живот. Ние, православните христијаните, посебно треба да ги чуваме своите вредности, како што се светителите, празниците, кои ќе ги празнуваме, најпрво со знаење и почит, а не преку недостојни преданија кои не се ни христијански. Неправилно е Свети Трифун, многумина во незнаење да го нарекуваат „пијаница”, и неговиот ден да го слават со  препивање и прејадување, туку со љубов, молитва и Божји благослов, па нека биде тоа во сî, и во лозјата и нивите. А и Свети Валентин, нека биде добар пример, иако е католички светител, а го споменува и православната црква, во друг ден. Но, да не го славиме, само како нешто модерно, со скапи подароци  и накитени, неискрени љубовни пораки, а со искрена христијанска љубов кон сите,  и кон животните избраници постојано, а не само на овој ден.

Loading