ДОМАШНАТА ДРАМА ДА СЕ ВРАТИ НА СЦЕНАТА НА МТФ

Министерството за култура, во соработка со МТФ “Војдан Чернодрински” распиша конкурс за откуп на необјавен и непоставуван македонски драмски текст со цел да се афирмира современата македонска драма и да се збогати фондот на драмски текстови од македонски автори. Можност за учество имаат сите македонски автори. Можно е да се конкурира со не објавени ниту не поставени на сцена најмногу два македонски драмски текста. Приоритет ќе имаат текстовите кои поттикнуваат и промовираат млади домашни драмски автори, текстови кои ја афирмираат современата македонска драма, иницираат зголемено учество на јавноста-интерактивност, активна публика, учество на млади и текстови кои отвораат актуелни општествени прашања. Пријавување трае до 15 март.

Оценувањето на пријавените текстови ќе го врши комисија од истакнати, стручни и компетентни лица именувана од Министерот за култура, на предлог од МТФ “Војдан Чернодрински”. Ќе се објави повик за формирање на петчлена комисија за избор на текстовите. Членови ќе се од редот на вработените или дипломирани драматурзи, театарски режисери и театролози. Комисијата ќе направи избор на три македонски драмски текстови. Министерството за култура на авторите на откупените македонски драмски текстови, за откуп на авторските права за објавување и поставување на драмскиот текст, ќе им додели авторски надомест од по 120.000 денари.

Водејќи се според статистичките податоци од архивата на фестивалот, а во прилог на главната платформа “Враќање дома” и потребата да се афирмира современата македонска драма, од МТФ посочуваат дека низ 56 годишната историја на фестивалот, од 413 претстави во натпреварувачкиот дел, 189 биле инсценирани врз текстовите на македонските автори или 45,76 отсто од натпреварувачки репертоар бил домашен/македонски. Иако стимулирањето на домашната драматика уште во 1965/1966 година било декларирано како една од фестивалските стратегеми, во пет децении наградата за текст на современата македонска драма била доделена само 27 пати. Не била доделена на 22 фестивали, стекнувајќи се со аура на најнедоделуваната фестивалска награда.

Loading