СТАРТУВААТ АКТИВНОСТИТЕ ВО ТЕАТАРОТ

Со обновена креативна енергија, во театарот “Војдан Чернодрински” од вечерва повторно ќе ја дочекаат верната публика започнувајќи ја втората сезона од 2022/2023 година. Од 19.30 часот ќе биде изведена претставата “Дупло дно” во режија на Наташа Поплавска. “Дупло дно” е театарска пасија во три става и кода по текст од Горан Стефановски. Режисерката го отвора  прашањето како уметничката стварност денес кореспондира со реалноста, прикажувајќи го лажниот ангажман на уметниците кои се борат за “уметничката слобода”, а всушност се борат за позиција на министри за култура да ги задоволат личните интереси и заработки. Чистата уметност станува памфлет за статус. Во целото лудило и безнадежност на постојано менување на власта и сквернавењето на хуманистичката линија кај уметникот, безнадежната балерина ја бара вистината за себе.

Утревечер, сабота, од 19.30 часот ќе биде изведена претставата “Мистерија Буфо”, според Дарио Фо, во режија на Андреј Цветановски, која е последната премиера на ансамблот на театарот за минатата година. Претставата ги реактуелизира средновековните комични мистерии кои ги изведувале патувачките театарски трупи и фрла мрачно-комичен поглед кон апсурдноста на секојдневните неправди. Прикажува важни настани од религиозниот живот, но доживеани преку очите на обичните луѓе и случајните минувачи.

Инаку, во театарот се подготовува претставата “Пипи, долгиот чорап” во режија на Кристина Димитрова, според текстот на Астрид Линдгрен, која се смета за една од најпознатите авторки на детски книги ширум светот.

Loading