ГО СЛАВАМ ВОСКРЕСНУВАЊЕТО ОД МРТВИТЕ КАКО СВОЈ ВТОР РОДЕНДЕН

Илија Петрески го победи алкохолот веќе 22 години

Свеќи, торта, свеченост во домот на семејството на Илија Петрески. Се слави 22 роденден на човекот со бела коса, кој наликува на повеќе од 60 години.

– За мене денес е посебен ден! На денешен ден пред 22 години целосно заминав од алкохолниот пекол и се вратив на нормалниот живот. Се разбудив од заблудата, повторно се родив, воскреснав од мртвите! Секоја година овој ден го славам како втор роденден, со торта, свеќи, гости, откако  триесетина години бев пијаница – вели сограѓанинот Илија Петрески кој повеќе од две децении е апстинент од алкохолот и активист во здруженијата за лекување на алкохоличарите. Автор е и на три книги за оваа проблематика.

Вели дека со алкохолот во душата носел мисла дека е подобар и попаметен од сите други и дека ужива во животот. Дека нема потреба ништо да менува. Денес знае дека тие идиотски мисли му биле испратени од “ѓаволот во него”, кој цврсто го држел за раката и секогаш наоѓал начин да го внесе во куќата на злото – во кафеаната!

– Речиси никогаш сериозно не размислував за болката што им ја нанесував на сите околу мене, особено на моите најмили! Кога сите беа убедени дека за мене нема спас, сепак, милостивиот Бог ми пушти јаже на спас. Ме извлече од дното на алкохолниот пекол – кажува Петрески.

Честопати се прашувал: “Што му згрешил на Господа, па дозволил толку долго да се измачува во алкохолниот ад”?

– Ликот од огледалото ми одговори: “Престани да се лажеш себе си! Бог ти даде волја, сам да решиш дали ќе го прифатиш доброто или злото! За жал, ти го отфрли Бога и тргна по ѓаволот”! Така, си реков, разбуди се идиоте, ова ти е последна шанса! Секој ден почнав да се будам со мислата дека ќе настојувам да направам повеќе хумани дела, а лош и будала можам да бидам утре! Другиот ден пак исто. Така со години. Вакви мисли постојано ми се вртеа во главата, додека не ја сфатив вистинската порака! Да, ова е Божја промисла, милостивиот Бог ми дава шанса да се куртулам од моите гревови – објаснува Петрески како направил пресврт на животната раскрсница.

Дошол до сознанието дека алкохолот, не само за него, е најголем напријател на човештвото!

– Веќе 22 години не помислувам да се вратам во канџите на ѓаволот, туку да им помогам на сите, кои од разни причини тргнале или веќе се болни од алкохол. Напишав три книги и упатувам да се прочитаат проблемите предизвикани од алкохолот, за себе или за член од семејството, како и секој оној, кој сака да им помага на луѓето околу себе да ги надминат последиците. Одговори има за сите прашалници за последиците од алкохолот –  вели Петрески.

Борбата со алкохолната болест е тежок процес.

-Нема успех во борбата со алкохолната болест ако човек не вложи максимален труд, ако не се вложи себе си, нема успех без искреност и добрината, љубовта и човекољубието, толеранцијата и трпението – порачува апстинентот Петрески.

Некои му забележуваат дека е утопија, идеи кои се неспроведливи, оти, според нивно убедување, алкохолот е длабоко навлезен во сите пори во животот на луѓето и е составен дел од живеењето.

– Признавам дека не се трудам да направам разлика меѓу луѓето, кои умерено и повремено пијат мали количини алкохол за задоволство, од луѓето кои зацапале. Но, зар ќе биде покорисно ако се занемарат страшните последици од алкохолот и да ги прикривам моите принципи за борба. Не се согласувам со изопачените ставови кои го оправдуваат постоењето на алкохолот, кои се во спротивност со човековата природа, со сé што е разумно во моралните човекови потреби. Не ја прифаќам перверзната теза дека ваквата состојба мора да остане век и веков. Кога би се уверил дека борбата со алкохолната болест е гола утопија, веднаш престанувам со активност и ќе посакам побрзо да заврши мојот живот, бидејќи борбата со алкохолното зло е смислата на мојот живот. Тој се состои во помагање и менување на погрешни навики и однесувања на луѓето. Без тоа не ќе можам да живеам – вели Петрески на 22 годишнината од неговата победа над алкохолот.

Се труди јасно и јавно да им ги “отвори очите” на зависниците и да се соочат со последиците. Успел некои да ги мотивира да се борат. Некои со послаб дух и волја успева да ги исклучи од најголемата армија на светот, алкохоличарите.

– Немам посилни зборови кои конечно ќе ги натераат разумните луѓе да се насочат кон помагање на зависниците да се ослободат од алкохолот. Најмногу се плашам за младите кои тргнале по “патот” со секојденовното “отворање на фабрики” за создавање на алкохоличари. Сите гледаат беспомошно додека се отвораат нови кафулиња, ресторани, се организираат разни фестивали на виното, пивото, ракијата, за достапност на алкохолот, ставајќи ги младите на искушенија – стравува Петрески.

Ги прифаќа само законите на совеста и моралот, кои никого не обврзуваат, но кои водат напред и ветуваат хармонија во иднината на човештвото. Свесен е дека идеите наликуваат на неостварлив сон, но надежта последна умира, тргнувајќи од неговото искуство. Верува дека еден далечен ден алкохолот ќе исчезне од животот на луѓето.

Loading