СТОМАТОЛОГОТ МАРКОСКИ ЈА ОСВОЈУВА АФРИКА ЗА 53 ДЕНА    

Потрагата по нови, возбуди и патувања во неизвесното и непознатото го предизвикуваат прилепскиот млад стоматолог Александар Маркоски кој живее и работи во Хамбург, Германија. Со авантуристички табиет, тој овојпат се јави од Хакунаматата, Африка, каде крстари со автобус. Заедно со групата млади ја откриваат таинствената убавина на сиромашниот континент и безбројните природни дарови. Им застанува здивот од огромните водопади, на саваната и џунглата, раскошните и бујни природни реткоски. Ја допрел и климата и пустинската песок.

Маркоски пролетоска поминал 3800 километри со велосипед од Гибралтар, од портата на Медитеранот, до Атина. Оттаму до Прилеп, минувајќи низ Шпанија, Франција, Монако, Италија, Хрватска, Црна Гора, Албанија, Грција, и назад до дома.

На 10 декември заминал од Хамбург за Момбаса, Кенија, почнувајќи го двомесечното патување низ 8 држави во источна и југо-западна Африка.

– Поради неразвиената инфраструктура решив најголемиот дел од патувањето да го поминам организирано со група млади луѓе. Тоа е активно патување и најчесто кампување во едни од најпознатите места во овој регион. Патувањето се одвива најчесто со автобус (Ландо), специјално опремен со сé што е потребно, нудејќи можност за независно патување и низ оние региони кои буквално не можат да понудат ниту вода. Патувањето ги опфаќа Кенија, Танзанија, Малави, Замбија, Зимбабве, Боцвана, Намибија и Јужна Африка. Предвидено е да трае 53 дена и да се совладаат преку 10 500 км. Поминуваме и искусуваме најразлични пејзажи, од тропски и влажни региони, преку бујни савани, до суви и празни пустини – кажува Маркоски.

Го напуштил комфортот на современото живеење да биде речиси два месеца во еден од најсиромашните делови во светот.

-Тоа е само еден чекор на поминување на своите стравови и собирање на лични искуства кои сигурно те променуваат, те прават повторно човек, те тераат да разбереш како се случува промена и како го губиме допирот со природата и со луѓето – вели  Маркоски од Африка. 

Нужно е човекот да биде натеран да застане и да се праша себе си, каде ли одиме како човештво.

– Треба да ги препознаеме и да ги разбереме оние кои никогаш немале ниту приближно слични услови на живот, истовремено обидувајќи се да се остави нежен впечаток на сите оние кои го запознале првиот Македонец – објаснува Александар Маркоски.

Фанатикот за патување, заробеникот на велосипедот и трагачот по мистериозни светови не открива која би му била идната тура за кеф и адреналин.    

Loading