ПРАВА, НО И ОБВРСКИ

Ќе донесол закон кој предвидува евентуален напад врз новинар да се толкува како напад врз службено лице. Имало потреба, зашто зачестиле  нападите. И ние ќе ги нападнеме новинарите на поинаков начин. Ќе ги спомнеме и имињата на некои. Младен Чадиковски! Долгогодишен новинар, коментатор, презентер. Во повеќе наврати и уредник на телевизија. Дури е и претседател на Здружението на новинарите на Македонија. Но, сите (или повеќето) велат Здружение на новинари, наместо Здружение на новинарите. Зошто го спомнуваме токму Чадиковски? Зборуваше за законот. Рече: “Никој досега не се одважил, немало некој да се одважи”! Намерата ни е да кажеме дека зборот (глагол) ОДВАЖИ го нема во нашиот јазик. Да се осмели, да реши, да се дрзне. Тоа му е значењето. Ова слушаме често, пречесто од мнозина.  Но, најмалку од новинар од типот и реномето на Чадиковски. Зошто овој збор ОДВАЖЕН (придавка) И ОДВАЖИ (глагол) е толку навлезен во вокабуларот на новинарите?

Го има во рускиот јазик, го има и во српскиот. Во српско­македонскиот речник е регистриран: ОДВАЖЕН ­ СМЕЛ, РЕШИТЕЛЕН. Не влегол во нашиот јазик. Сме се изјаснувале и порано. Кога би го употребувале, ќе има сосема поинакво значење. Да речеме, некој што бил важен па се одважил. Се разбира, оваа употреба би била мошне ретка, но можна. Чадиковски не е случаен новинар. Но, не смее да му се поткраднуваат вакви јазични грешки. И тој треба да се “одважи”, да погледне во Речникот.

Ќе го спомнеме името уште на еден новинар. Коле Чашуле. Неговите коментари сакаме да ги слушаме. Со задоволство го правиме тоа. Но, со големо незадоволство ги забележуваме неговите јазични грешки. Постоеше еден друг Коле Чашуле. Дедо на актуелниот новинар. Автор на многу драмски дела и други книжевни трудови. Многу работи за јазикот сме научиле токму од него. Кога би се појавил од некаде, си гурни сме дека за јазичните грешки ќе му ги истегне ушите на својот внук. Чашуле се осмелува да го каже она што мнозина го премолчуваат.

Но, јазичните грешки се присутни во неговите искажувања. Како и кај Чадиковски, ќе се задржиме само на еден збор, често употребуван од многу новинари. На друго место не сме го слушнале, но во ТВ емисии го слушаме често. Станува збор за именката ­ ТРКА. Тој збор е именка. Некои новинари упорно создаваат глагол, се тркаат. Еве, таков е случајот и кај Чашуле.  На едно место вели: “Партиите ќе се тркаат”. Чудно! Навистина, многу чудно! Од каде ли дојде, кој ли го измисли тој глагол ­ ТРКААТ и глаголската именка ­ ТРКАЊЕ? Рековме дека зборот “трка” е именка, од женски род. Да земеме една друга именка, исто од женски род: “одбојка”. Дали можеме да речеме дека тие што играат одбојка ќе се одбојкарат? Се разбира, не. Не може од именка, сосила да правиме глагол. Уште еден пример. Именка ­ “фудбал”. Сигурно нема да речеме дека двете екипи ќе се фудбалат. И едните и другите ќе се натпреваруваат. Ист е случајот и со именката “трка”. Не може да се рече дека ќе се тркаат, како што не може ќе се фудбалат. Како што не може ќе се одбојкарат. Ако баш треба да се упот реби глаголот “трча”, тогаш може да се рече: “Ќе се наттрчуваат во работата, во фалбите, во навредите…”. И ние ги нападнавме новинарите. Белки нема да се смета тоа како напад врз службено лице.

Loading