НЕДОСТАТОКОТ НА СРЕДСТВА ВЛИЈАЕ ВРЗ ОБЕМОТ И КВАЛИТЕТОТ НА НАУКАТА

Александар Василески, директор на НУ Институт за старословенска култура

Половина година Институтот за старословенска култура го раководи д-р Александар Василески, со кого разговаравме за активностите на научната институција и за плановите за 2023 година.

Досега бевте вработен. Затоа можете да кажете како ја завршивте 2022 година?

Судејќи од преспективата на која гледаат на времето историските науки, кратко сум директор. Имајќи ја предвид динамиката на современото живеење ми се чини дека веќе стекнав доволен стаж на  функцијата со работно искуство,  од десет години. Од прва рака сум запознаен со предизвиците на институцијата, но и со научната дејност во земјава, но во Институтот добив можност да напредувам со образованието и да стекнам научна титула. Бидејќи имам впечаток дека нашата средина не е доволно запознаена со значењето на Институтот за старословенска култура, информирам дека Институтот е една од седумте јавни научни установи, чија основна дејност се научните истражувања од национален интерес. Значајно е што единствено Институтот е со седиште надвор од Скопје. Институтот имал поинаков обем и насоки на работа во почетокот. Денес, основна дејност се проучувањата на историскиот и културниот идентитет на македонскиот народ и неговата етногенеза. Овие теми се актуелни.

На што беше ставен акцентот во работата во 2022?

Лани беше ставен акцент на унапредувањето на проучувањата и заштитата на нашето културно наследство. Последните децении сме сведоци на бројните предизвици во заштитата на некои од најзначајните културно-историски споменици во земјава, а кои, за жал, се во загрижувачка состојба. Фокусот на научниот интерес е средновековното културно наследство. Запознаени сме со ваквите состојби и наша професионална и морална должност е да сториме сé што е во нашата можност да придонесеме за спречувањето на девастацијата на овие значајни објекти. Тоа го правиме преку организацијата на научни конференции и публикување на трудови за да се сврти вниманието на одговорните инстанци, но и на стручната и на научната јавност кон значењето на научноистражувачката методологија и на научниот пристап во заштита и презентација на културното наследство. Тука се двата научни собири, на кои се отворија прашања за моментните состојби, проблемите и перспективите пред кои се наоѓаат научните истражувања и заштитата на културното наследство. Акцент беше ставен на манастирот Трескавец како еден од најзагрозените и најкомплексните средновековни споменици. Ја интензивиравме соработката со Заводот за заштита на спомениците и музеј, кој е надлежен. Се надевам дека стекнатите научни сознанија ќе бидат применети во конзервацијата и презентацијата. Со ваква соработка може успешно да се заштитат нашите значајните споменици на културата и да се спречи нивното неповратно пропаѓање. Продолживме со тековните истражувања, кои беа заокружени со неколку монографски публикации, повеќе научни трудови објавени во референтни научни списанија и презетирани на меѓународни средби. Тука е учеството на четворица наши научни работници на најголемото случување на византолошката наука, 24. Меѓународен конгрес на византолошки студии лани во Венеција и Падова. Дел од вработените имаа студиски престои на престижни европски институции. Тоа е значаен приднес во нивната лична надоградба, но и претставува можност за институционален развој преку позитивни практики.

Колку внесувањето на новитети е значајно за развојот на научната мисла?

Новите методолошки пристапи и технологии во научната работа претставуваат клучен фактор за развој, за нови исчекори за стекнување на нови научни сознанија. Подолго време се прават напори за имплементација на  современите научни пристапи во истражувањата. Не е нескромно да кажам дека имаме значителни успеси. Научните работници веќе ги имплементираат светските трендови за креирање на ГИС ориентирани институција преку низа активности бази, новите техники за датација, архео-ботаниката, хемиско-физичките анализи на градежни материјали и движни наоди. Секој напредок е условен од можностите за набавка на современа технологија и продуцирање на обучени кадри за користење. За жал, на многу ниско ниво е поддршката на науката во земја. Долг период нашата држава е  речиси на дното на ранг листите на европските држави според одвојувањето на буџетски сретства за поддршка и развој на науката. Се плашам дека ваквиот тренд продолжува, дури и се продлабочува. Недостатокот на средства има сериозно влијание на обемот и квалитетот на научната работ. Постигнатите резултати често се производ на личните залагања на научните работници, кои најголемиот дел од средствата потребни за истражувања, за учество на научни собири и студиски ги покриваат од сопствени извори. Најчесто се недоволни средствата на Министерство за образование и наука. Дополнителен проблем е создавањето на млад научен кадар, кој ќе ги следи современите трендови. Тоа е макотрпен и долг процес. Се соочуваме со кадровски дефицит подолго време. Проблемот ќе се продлабочи со пензионирањето на повеќе научни работници следниве години. Иако се обидуваме да ги следиме светските трендови, без системска поддршка, нашите напори се ограничени и не успеваат да го достигнат нивото кон кое се стремиме.

2023 година?

Продолжувањето на тековните активности подразбира заокружување на досегашните истражувања преку публикување на добиените резултати во форма на монографии и научни трудови. Од оваа година нашето списание, Балканославика, ќе се издава двапати годишно во печатена и во електронска форма за да биде достапно на научната и стручната јавност. Во тек е организација на меѓународен научен собир во септември. Очекуваме да бидат поканети еминетни научни имиња од странство. Се надевам дека ќе порасне соработката со локалните и со националните институции за реализација на повеќе заеднички проекти. Ќе се унапредуваме со новите технологии и нови пристапи во истражувањата на културното наследство преку креирање на дигитални документациски бази, ГИС платформи, креирање на 3Д модели на спомениците на културата и на археолошките локалитети. Сето ова ја унапредува научната мисла во земјава и носи нови податоци за минатото и културната историја на македонскиот народ.

Loading