КУПИВ ВЕСНИК СТАР 43 ГОДИНИ!

Живот: Стојан Талески, берберот

И во ерава на Интернет има луѓе што не можат без весници, меѓу нив берберот Стојан Талески. Деновиве си купи “ТВ-новости”. Наизглед ништо чудно, ама весникот е од 9 мај 1980 година. Стар скоро 43 години! Кој можел да претпостави дека еднаш купен кога мирисал на печатарска боја, ќе биде и вторпат сега, кога е пронајден во некој куп од стари предмети.

– Често минувам кај еден човек во центаров на градов, продавач на стари книги. Му велев ако има некоја книга за Јосип Броз – Тито, да му ја купам. Некој ќе се лути оти го спомнувам Тито, оти многумина биле на Голи Оток, тргале маки, и оправдано е да не го сакаат. Мене ме влече минатото, кон младоста. Затоа, кога го здогледав весников, не се мислев ниту секунда да го купам. Да читаш, да се изначиташ. За мене е втора Библија – вели Стојан.

Весниците колку постари, толку повредни. Гледаме, се продаваат и на Интернет. Токму овој број 802 од “ТВ-новости”, кој во 1980 година чинел 12 југословенски динари, сега се продава од 250 до 800 српски динари, плус поштарина. Зависи колку е сочуван. Примерокот што го купи Талески е во одлична состојба. Лесно се читаат сите текстови и се гледаат сите фотографии.

– Не е важно колку пари дадов, со ќеф го купив. Има 48 страници, голем формат. Од 9 мај е, само ден по погребот на Тито. Тука е говорот на Лазар Колишевски, првиот човек на Југославија. Ги има наведено сите странски делегации што беа присутни. Се потсетив на Кенед Каунда, претседател на Замбија. Плачеше, го прегрна и го бакнуваше ковчегот. Ми го врати времето во младоста, кога имав само 21 година – возбудено зборува Талески.

Со задоволство нашироко образложува зошто токму погребот на Тито, кој е темата во весникот, е настанот што му ја буди носталгијата. За себе вели дека е селско дете од Локвени, Крушевско. Растен е таму до 15-тата година. Откако доаѓа во Прилеп, му се отвораат можности  да се изгради во личност. Две етапи ги смета за најважни – берберската и војничката.

– Тоа се два факултета. Еден е занаетов, бербер, научен кај Бошко Маестро, а вториот факултет во ЈНА, во Титовата гарда во Белград. Ако не бев со занаетот бербер, немаше да бидам бербер ни во таа гарда. Таму ги видов трите “мерцедеси” со кои се возеше Тито. Беа три за да не се знае во кој Тито се вози. Беа и три сини воза, исто така за безбедност. Сум одел и во претседателскиот кабинет, резиденциите, “Караѓорѓево”, “Ужичка” 15, каде е гробот, на тие значајни места во тој воен рок – се присетува Стојан.

Токму тој настан  е раскажан во весникот, погребот на Тито. Нашиот соговорник имал битна улога. Ги истрижил и дотерал сите офицери кои го носеле ковчегот од Љубљана до Белград и го спуштија во гробот. Од неделата до четвртокот се одвивала голема акција, невидена трка за организација на погребот. ТВ-преносот бил за цел свет, без да има пропусти.

– Се правеше бина кај гробот за сместување на сите странски гости. Се правеше од талпи и греди. Врз неа се постави син тепих. Имаше бројчиња каде да биде секој од странските државници. Нé зедоа од касарната, две чети со 350 војници. Еден од офицерите рече: “Војско, скокајте овде да видиме дали ќе издржи бината. Ако се скрши, подобро сега нека се скрши оти утре врз неа ќе биде целиот свет! Знам Леонид Брежњев од СССР, каде стоеше, Индира Ганди од Индија… – зборува како вчера да било, Талески.

 Желба му е, откако ќе се пензионира, да појде пак во Белград и да ги посети сите места каде што некогаш бил како војник, места кои ќе му го вратат назад времето од кога е весникот “ТВ-новости”.

Loading