СЕ ПРЕДВИДУВА ПОГОЛЕМ БРАН НА ГРИП БИДЕЈЌИ ДВЕ ГОДИНИ НЕМАВМЕ ПОРАДИ РЕСТРИКТИВНИТЕ КОВИД МЕРКИ 

Прим. Д-р Татјана Станимировиќ, спец. епидемиолог во Центарот за јавно здравје

Акутните респираторни инфекции се најчестите инфекции кај човекот. Возрасен човек  заболува просечно 3-4 пати годишно, а децата почесто (4-7 пати, а оние во колективно сместување  и до 10 пати годишно). Акутните респираторни инфекции се јавуваат во текот на целата година. Во топлите месеци се регистрираат поретко, бидејќи факторите на околината (температурата на воздухот, сончевата светлина) не се погодни за нивно ширење. Во есенските месеци, бројот на акутни респираторни инфекции почнува да расте и вообичаено го достигниува својот врв во јануари или февруари.  За тоа има повеќе причини – кога температурата на воздухот е пониска (есен и зима) природната отпорност на организмот се намалува, а со тоа се зголемува осетливоста за развој на  инфекции на дишните патишта. Подолго време престојуваме во затворени простории со недоволно свеж воздух (училишта, канцеларии, превозни средства, собири, прослави) со што се зголемува можноста за ширење на инфекциите.

Најголем пораст на бројот на акутните респираторни инфекции има со појавата и циркулацијата на вирусот на грип?

Оваа сезона имаме преклопување на ковидот, грипот и инфекциите предизвикани од други респираторни вируси. Бидејќи многу други вируси предизвикуваат симптоми слични на грип, во пракса тешко може да се направи разлика дали се работи за грип или обична настинка, ако не се направи микробиолошка потврда на причинителот. Затоа, без сигурна дијагноза, овие заболувања се нарекуваат заболувања што личат на грип.

Состојба со акутните респираторни инфекции (АРИ) на нашата територија?

Преку системот за надзор на акутните респираторни инфекции,  во текот на првата недела од јануари забележан  е значителен пораст на инфекциите на горните и долните дишни патишта, пред се кај   децата на возраст од 0-6 години.  Во истиот период забелажан е и пораст на пријавените случаи на грип и заболувања што личат на грип. Што се однесува до ковидот, бројот на пациенти позитивни на КОВИД-19  е мал, како и бројот  на лицата кои се тестираат, а без микробиолошка потврда,  нема сигурна дијагноза.

Од Институтот за јавно здравје веќе е потврдено  присуството на вирусите на грип од типот А и Б во нашата држава, но циркулираат и  други респираторни вируси.

Бидејќи претходните две години немавме грип (поради рестриктивните мерки против КОВИД-19),  се предвидува дека оваа сезона ќе се соочиме со поголем бран.  Најголем број на заболени се очекуваат кон крајот на јануари и почетокот на февруари, откако децата ќе се вратат во училишните клупи после зимскио распуст.  Децата се најчести преносители на грипот заради тоа што се доста активни, се движат, како во  училиште така и надвор, па лесно можат да го пренесат грипот на своите родители, баби и дедовци.

Кои се симптомите на грипот?

Најчести симптоми на грипот се: покачена температура, болки во мускулите и зглобовите, омаласаност и кашлица. Болеста обично трае 5 – 7 дена. Кај постари лица, лица со намален имунитет,  со некое хронично заболување,  на вирусната инфекција може да се надоврзе бактериска инфекција, најчесто инфекција  на белите дробови, а кја децата воспалени на увото и синусите.

Мерки на заштита?

Најсигурен и најбезбеден вид на индивидуална и колективна заштита од грип е вакцинацијата. Со програмата за задолжителна имунизација дефинирани се категориите на население кои можат да се вакцинираат  против грип бесплатно, а тоа се бремените жени, лицата постари од 65 години, лица со одредени хронични заболувања, во кои спаѓаат и децата постари од 6 месеци кои имаат тешки хронични заболувања, здравствените работници, лицата сместени во старски домови, како и вработени во овие установи. Вакцините имаат различна ефикасност, зависно од возраста, но кај вакцинирани лица во случај да се разболат се развива полесна клиничка слика и се намалува можноста од компликации.

Други мерки за заштита од грип и други вирусни респираторни инфекции?

Избегнувајте близок контакт со лица кои имаат симптоми или знаци на респираторна инфекција. Одржувајте растојание од најмалку еден метар од некој што има знаци на респираторна инфекција и избегнувајте  места со многу луѓе (молови, собири, кина, тетри и сл.). Избегнувајте непотребни посети на болни лица. Избегнувајте да бидете лице во лице со заболен и  намалете го времето на близик контакт кога се грижите за болен. Редовно мијте ги   рацете со вода и сапун, особено после кивање и кашлање. (Миењето на рацете со вода и сапун треба да трае најмалку 20 секунди. После миењето рацете добро да се исушат.) Средствата за дезинфекција на база на алкохол исто така ја намалуваат количината на вирусите на рацете, иако миењето со вода и сапун е поефикасно. Избегнувајте допирање на очите, носот или устата. Вирусите често се шират со   допирање на  очите, носот или устата со контаминирани раце,  после допирање на површини или предмети кои се загадени со секрети од дишните органи на инфициран човек. Редовно проветрувајте ги просториите во кои престојувате. Останете дома ако сте болни.

Loading