ГЛУПОСТА ГО ГРИЗЕ ЧОВЕЧКИОТ СРАМ

Пред мене е поезијата на Јесењин: ЗЕМЉА НИТКОВА. Ја читам, за утеха.

Не можат да ни земат тоа што е наше. Дури и ако ни го земат, никогаш нема да биде нивно: ниту антиката, ниту знамето, ниту името, ниту народот, ниту јазикот, ниту историјата. Блажени се оние кои ова не го разбираат. Ништо реално не може да биде во опасност. Ништо нереално не постои. Во тоа лежи Божјиот мир. Само несвесен човек ќе се обиде да ги искористи или манипулира другите. Но, само несвесен човек може да биде искористен и манипулиран. Народот кој на власт ќе донесе никаквеци и арамии, тој не е жртва, тој е соучесник. Режисерите на македонската трагедија не можат да ја елиминираат државата, туку само на македонскиот народ да му ја одземат тапијата. И секој да ќари по нешто.

Заевизацијата е најтемното нешто во македонската историја. Најголем негов апсурд е промената на името по своја волја, а не по волја на македонскиот народ. Каков ќе биде исходот од нивното постојано отпадништво? Зар тие ќе останат неказнети?  Не, нема да останат неказнети. Полит – мафијашката багра, збирштина од “кол и ортома” во изминативе три децении направија огромно богатство. Претеруваат со нивната покорност на разумот. На суштества без идентитет целта им е зад границите на вселената. Вистината ни се одзема со фалсификување на историјата, која ја учеле погрешно, а своите великани не ги признаваат. Самосвесниот и осознаен Македонец никој не може да го доведе во опасност. Дали поданичкиот идентитет е одлика на македонскиот идентитет? Ние во секој поглед сме најкомпетентни за сопствениот идентитет. Одат по стапките на Цола Драгојчева, истакната бугарска и советска политичарка: “Македонскиот народ не постои. Тој термин значи збир на сите национални групи кои живеат во Макединија”.

Доколку се неопходни компромиси да се поседува апсолутно мнозинство во парламентот, амнестираните терористи се последни на кои треба да се помисли, затоа што ним казната им е заменета со награда, а на македонските бранители наградата им е заменета со казна. “Охридскиот договор”,  како да ја сметна државата на “половина копје”. Ја упати во насока на двонационално договарање. Еден неславен експеримент што своевремено не успеа на Кипар. Сите балкански држави се мултиетнички, но засега само Македонија е обврзана да се развива во тој правец. Воведувањето “команданти” од герила во министерствата може да биде приказна за Гинис, што умни луѓе не би смееле да си ја дозволат.

А со корупцијата се испраќа порака дека таа се исплатува, оти заработувачката е висока, а ризикот за одговорност низок. Нели корупцијата потекнува од латинскиот збор корруптус  кој во превод значи “крајно расипан”. Па крајно е време некој да се справи со крајно расипаните. Ако американскиот тим истражувачи дојде неповикан, тоа е странска интервенција во разнебитена држава без суверенитет принудена на ваков начин да се справи со коруптивните политичари. Се потепаа со лигавење да  стават до знаење дека се согласуваат со американската амбасадорка, небаре во нешто не смеат да се согласат. Лисицата прва се нуди да ги чува кокошките. Каде бевте досега. Со години истопорени на фотељи и продолжувате да се крстите во мантрите.

Молчењето на граѓаните не е злато, туку само тивко, но решително предупредување. Најголемите скептици ќе откријат дека со народот нема играње. Нормално е некогаш човек да стави прст на челото. Македонија во својата историја нема револуција, но некакво прочистување мора да í се случи. Кога неправдата ќе стане закон, отпорот е обврска.

Алберт Ајнштајн (за Аушвиц) вели: “ Не можам да молчам, бидејќи молчењето ме прави соучесник”.

ПРИМАРИУС  Д-Р Б. ДАМЕСКИ

Loading