НЕПОЖЕЛНИ ТОПОНИМИ

Многу населени места, многу имиња. Некои означуваат нешто, а некои не потсетуваат на ништо. Да речеме, селото Селце би требало да ни каже дека станува збор за малечко село. Но, што ли значи Ракле? Или Тројаци? Или пак Кокре?

Во некое време, во некои услови се создале тие села. И добиле свое име. За некои места постојат легенди. Постојат легенди за создавањето на селата Витолишта, Радобил и Галишта. Биле тројца браќа, Вите, Раде и Гале. Живееле на едно место. Со времето, тој простор им станал мал. Се разделиле секој на посебно место и ги создале селата. Ги нарекле секој според своето име. Вите го создал Витолишта, Раде – Радобил а Гале – Галишта. Така вели легендата за која пишува Стале Попов во романот Крпен живот.

Некои села го добиле името според некои карактеристики. Селото Бело Поле објаснува дека тоа се наоѓа во некое бело поле. Тоа не значи дека баш така е во реалноста, но ете, во некои околности и веројатно со некои причини, го нарекле така. Ореовец би требало да означува дека таму виреат многу ореови дрва. Така, во некои времиња, во некои услови, поради некои причини се нарекле така и го носат името и денеска.

Постојат селасо имиња што не се пријатни. Според нашето лично мислење, подобро е да го сменат своето име.

Пред некое време, гледавме емисија на ТВ Сител. Насловот е “Мое село”. Попатно да кажеме дека треба “Моето село”, а не “Мое село”.

Овојпат водителот не запознава со селото Подмочани. Убави нешта видовме, но името не одговара на тие карактеристики. Водителот не запознава со податокот дека може да се јадат вкусни јаболка од Подмочани. Се нарушува вкусот кога ќе се  се понудат вакви јаболка. Никој не знае зошто селото добило такво име. Можеби и тука има некоја легенда. Подмочани е името на селото, тоа е во случајов, сопствена именка. Инаку, самиот збор е придавка, описна. Означува дека некои луѓе се подмочани. Не е многу пријатно да се слуша овој збор, за ова убаво село, зар не?

Постои друго село кое носи име Дрслајца. Едно време дури и постоеше ракометен клуб (женски) кој се викаше Дрслајчанка. Некои велат дека било Драслајца, сепак блиску се двете.

Купувавме грозје. Продавачот го фали. Било многу убаво. Го прашуваме од каде е. Продавачот кажува дека било од Прдејци. Ни објаснува каде се наоѓа, таму некаде во јужниот дел на Македонија. Можеме да претпоставуваме зошто односното село носи такво име. Грозјето навистина убаво, но асоцијацијата за производителите не мириса баш на убаво.

Подмочани, Дрслајца, Прдејци. Навистина непријатни имиња. Ако сака некој да го смени името или презимето може. Но, постојат административни процедури. Не знаеме каква е ситуацијата со евентуална промена на името на населено место. Веројатно постои можност, но прашање е дали жителите чувствуваат таква потреба.

За крај, ќе приведеме уште еден пример, можеби најконкретен, со кој ќе го потврдиме нашето мислење дека сепак некои имиња треба да се сменат.

Во поодамнешно време, во пошироко друштво, една средовечна женичка, со радост објаснува дека го ожениле синот. Некој ја праша која е и од каде е снаата. Се вомјази женичката, се подзацрви и вели: “Налет да се нестори, од Паликура”.

Така е. Постои и такво село.

Loading