ПОСНА ТРПЕЗА ЗА СЕКОЈ ДОБРОНАМЕРНИК

Инженеринг Теракота подготвена за празникот Свети Никола

Широко ги отвораат срцата и со божја благослов, соптвениците на Инженеринг Теракота, ги покануваат сите прилепчани на градската слава Свети Никола. Како  добри домаќини ќе подготват посна трпеза да се одбележи празникот. Ќе ја зачуваат традицијата со подарување на секој добронамерник порција со гравче, сарма и риба. Славскиот ручек посетителите на прославата во центарот на градот, ќе може да го залијат со сокче и пиво. По 17-ти пат ќе се стави славската трпеза под отворено небо.

Сопствениците на Инженеринг Теракота, Гордан Бошкоски и Коста Тошески , ќе останат доследни на традицијата, ќе се направи градската слава, но ќе додржат на ветувањето дека советниците од општинскиот совет не се добредојдени на прославата во знак на револт за игнорантскиот однос кон нив како градежници.

-Не се поканети советниците за славата Св. Никола на која сме домаќини, затоа што на 18-тата седница на Советот, беспредметно беше повлечена точката од дневен ред за изградба на станбената зграда, за која веќе 2 години чекаме и уредно ги имаме сите документи. Сите прилепчани се добредојдени. За сите ќе има подготвено пакувана храна според редот и традицијата – велат домаќините Бошкоски и  Тошески, сопственици на Инженеринг Теракота.

В година, домаќин ќе биде фирмата Комфи Ангел. Како високо општествено одговорна компанија, ќе бидат втор пат организатори на градската прослава на патронот на градот, откако го имаа искуството во 2012 година на седмото издание на заедничкото одбележување за одржување на адетот и вековната традиција на претците. Честа и задоволството ќе ги повторат пак затоа што големиот православен празник Свети Никола е заштитник на градот. Сопственичката на Комфи Ангел, Ирена Јакимоска, со задоволство ја најавува повторната улога како домаќини на градската слава.

Порано, малите посни светиниколски сармички ги подготвуваа членките од неколкуте невладини женски организации. Последниве две години, заради пандемијата, подготовката на порциите во поединечни пакувања ја врши посебна фирма за подготовка на храна. Така ќе биде и годинава. Збогатено и со овошје.

РЕД СЕ РЕДАТ КУМОВИТЕ

Празникот Свети Никола останал од прадедовци, од прабаби. Цел Прилеп го празнува. Едни се домаќини, другите се гости.

Инаку, организираното одбележување на празникот на отворено започна во 2006 година кога пред Комерцијална банка домаќини беа од фирмата Прилепец. Кумовите за градската слава се менуваа секоја година. Во 2007 г. беше Витаминка, следната година тогашниот министер за транспорт Миле Јанакиески, во 2009 г. беше Прилепската пиварница, во 2010 г. домаќин беше Џорџија Џорџ Атанасоски, потоа беше Стопанската банка. Во 2012 г. домаќини беа Комфи Ангел, следната година Микросам. Во 2014 г. прославата ја организираше Мермерниот комбинат. Во 2015 г. е Тутунскиот комбинат, во 2016 г беше Васидора, а после нив во 2017 г. Салида. Во 2018 г. домаќин беше тогашниот градоначалник Илија Јованоски. Во 2019 домаќини беа семејството Небрежанец. Заради корона вирусот во 2020 и во 2021 година домаќини беа Футура.

Сарми со три зрна ориз

Подготвувањето на светиниколските сарми е посебна мајсторија. Вештина, адет, традиција, мерак и прилепски курназлак затоа што се подготвува со три зрна ориз во стореното парче расол кое не треба да биде поголемо од три на 4 сантиметри. Кој не виткал не знае колку се макотрпни и колку се бавни за подготовка. За да бидат вкусни, буквално треба да се варат во масло, тврдат старите домаќинки.

Со најголемата порција од 80 000 посни сарми, прилеп влезе во Гинисовата книга на рекорди во 2008г.

Свети Никола прогласен за патрон во 2006 година

Верскиот празник Свети Никола во 2006 година со одлука на прилепските советници е прогласен за патрон на градот. Тогаш беше ставен и камен – темелник на параклисот кој се изгради од камен и мермер со димензии 250 см височна и 140 см ширина и во длабочината има резба со ликот на светецот.

Локацијата не е случајно избрана. Според преданија на Марко Цепенков, во 15 век на ова место имало ан, на чија влезна врата бил резбарен ликот на Свети Никола. Затоа параклисот се изгради во центарот во близина на камениот ѕид. 

Loading