ПРОМОЦИЈА НА „ЗАПИСИ“ ОД КАРОЛИНА МИЦЕВСКА

“Записи”  е новата книга од колешката м-р Каролина Мицевска, што ќе биде промовирана на 6 декември од 18 ч. во киното Мис стон, при ЦК “Марко Цепенко”. Ова е втора книга од Мицевска, во која, преку три целини се отсликани настани во Прилеп, но и луѓе кои придонесле за градот, луѓе кои биле во посета во изминатите 30 години.

– Книгата е слика, мал исечок од запишаното низ годините. Поделена во три целини – репортажи, интервјуа, други текстови. Потсет е за едно време, состојби, луѓе. Се работи за новинарски текстови, објавувани во изминатите 30 години во весниците Нова Македонија, Народен глас, Зенит…, – вели авторката.

Книгата ќе ја промовира м-р Елизабета Арсоска, која во својата рецензија, посочува дека е ризница со грижливо одбрани новинарски бисери.

-”Записи” е едноставно име и најмалиот заеднички содржател на тридецениската новинарска авантура на Мицевска која реши на едно место да ги собере само најзначајните текстови со свој потпис. “Записи” е ризница на  грижливо одбрани новинарски бисери, меѓусебно неповрзани и објавувани во годините, но чија вредност во ваква форма го достигнува максимумот. Трите целини од 60 наслови носат ист печат, ист сензибилитет. Отскокнуваат од просечноста, го надраснуваат новинарскиот израз и се стремат кон повозвишеното. Содржина е убавината на пишаниот збор на Мицевска, страста кон патувањата, острото око кое забележува детали и дарбата да го извлече најактуелното и најинтересното од интервјуата и најмногу од сé, нејзината умешност како роднокраен гласник, надалеку да се слушне за пелагонските природни и културно-историски убавини… Текстовите се напишани со несекојдневен израз, баланс меѓу новинарската и креативната реч кои ретко кој пишувач може да го израмни. Речениците го надраснуваат стерилното новинарско изразување и се приближуваат кон книжевното, што најмногу се чувствува во првиот дел, во 20 наслови од репортажите. Плодот на новинарската инспирација која Мицевска ја доживува со сите свои сетила, ја чувствува и ја пренесува, ја буди имагинацијата. Едноставното впуштање во авантура е автентично и лесно. Го внесува читателот на интересни локации, некои малку познати, а други афирмирани дестинации откривајќи помалку познати факти. Таа вешто успева да ја пренесе приказната без разлика дали станува збор за модерна европска метропола или за некое помалку заборавено прилепско село. Прилеп í е вечна инспирација и лајтмотив, но и Стибера, Зрзе, Дрен, Дервен… Делови од текстовите остануваат како трајна вредност и документ кои во годините што доаѓаат ќе служат како извор за истражувачите. Тоа е и умешност, што во својата пишана нарација успева да направи баланс меѓу објективното и субјективното и да го наведе читателот да го доживее моментот – вели Арсоска, потенцирајќи дека “Записи” е децентно име за едно дело кое може да биде и монографија, извор, или едноставно да биде сувенир со исконска важност која го претствува и го носи духот на Прилеп и на прилепчани.

На Мицевска, дипломиран новинар, ова и е втора книга. Првата беше стручна “Односите со јавноста, социјалните медиуми и јавното мислење”. Била соработник на повеќе монографии, објавува тудови во ДНУ, на меѓународни конференции. Реализирала десетина самостојни и групни изложби на фотографии во земјава и во странство.

Loading