НОВИ КНИГИ НА ГАБРИЕЛА СТОЈАНОСКА СТАНОЕСКА

Промоција доживеаа книгите “Драми” и збирката раскази “Сега би пушувала за…” од сограѓанката Габриела Стојаноска – Станоеска. Авторката е веќе афирмирано име во современата македонска книжевност. Писателот Петар Петрески рече дека Габриела е стилски иновативна, храбра авторка која се нурнува во лавиринтите на женскиот психосвет, разголувајќи ја сложената и повеќедимензионална внатрешна структура, изградена од чувства, пориви, инститки и страсти.

-Книжевното писмо на Габриела е натопено со лиризам, искреност и препознатлив автентичен исказ. Не се воздржува, не се двоуми во творечкиот третман на современите табу теми, како женската сексуалност, бременоста, брачната “рубикова коцка”, растајнувајќи го успешно и сугестивно, сето она што се крие за завеста на нашето вродено лицемерие – рече Петрески.

Според драматургот Лидија Митоска Ѓорѓиоска, текстовите се смели и без трошка ублажување и на најавтентичен начин прикажуваат бројни проблематични аспекти на современиот живот.

 -Авторката мајсторски навлегува во најинтимните човекови чувства и со неверојатна прецизност ги доловува најсуптилните нијанси на чувствата, со сите раскошни бои на тагата, радоста, лутината, љубомората, среќата, исчекувањето, неспокојството -рече драматургот.

За збирката раскази “Сега би пишувала за…” се осврна актерот Димитар Ѓорѓиевски. За него, авторот, со расказите освојува и секој збор има тежина.

– Преку неречените работи, успева да ни рече сé што сака, сé што ние сакаме, сé што е неречено, а така силно речено. И тоа е стил… Расказите одат паралелно со животот или живеат паралелен живот. Како сакате – посочи Ѓорѓиевски.

Габриела Стојаноска-Станоеска, има магистрирано на катедрата за Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје. Автор е на повеќе збирки раскази и на научна студија. Таа е главна уредничка на списанието за литература, уметност и култура Стремеж.

Loading