НАМЕСТО АДВОКАТ, СТАНАВ „МАЧОР“

Димко Вандески, актер во пензија

Меѓу луѓето кои животот го минале на штиците што живот значат и кои ја создавале театарската магија е пензионираниот актер Димко Вандески. Со стотиците улоги, оставил длабоки траги во културата во градот. И ден денеска е публика на секоја премиера. Театарот му врие во крвта.  И по десетина години од пензионирањето, на сон му доаѓаат ролите од претставите, не како кошмар, туку како како авантура која посакува да се повтори. Позначајни улоги му се Ками во “Болва во уво”, Скапен во “Скапен од Молиер”, Крсте во “Спиро Црне”, Смиле во “Летни Силјане”, улогите во комедиите од Фејдо, и до последната во “Од кол на кол”. Бил дел од актерскиот ансамбал на најпопуларните “Бегалка” и “Солунски патрдии”.

Ванде , како што сите го знаат, одамна е во пензија по 40 години актерски стаж. Вели дека периодот не е мал, но доволен да се вгради  во долгогодишна театарска традиција, официјално отворена во 1949 година.

-Театарот раст и зрее со убави и лоши моменти, со добри и одлични претстави, но и помалку забележани. Некогаш немаше доволно средства за претстави, ниту доволно актери. За среќа дојдоа нови кадри со нов дух и верувам дека допрва ќе дојдата наши наследници, уште понадежни – вели Димко Вандески.

– Влегов и не излегов од театарот 40 години. Горд сум на професијата, која ја работев со љубов и елан како од првиот ден.

– Заробен бев и уште сум роб на сцената со светлина и темнна. Ако ја немаше љубовта, немаше да бидам толку долго. Лесно и долговечно е сé што се работи со љубов. И ако копаш канали со љубов, нема да е тешко. Не се опишува чувството кога стапнав на сцената. Ми се чинеше дека светот сум го освоил, дека  си многу важен. Такви се првите моменти на секој актер. Доаѓаа отрезнувања. Гледаш дека треба работа и само да се работа. Да се вложиш целосно. Нема резултати без комплетна посветеност – вели Вандески.

Родителите не сакале да биде актер.

– Мајка ми и татко ми беа големи вљубеници и ме носеа на театар. Така го засакав. Почнав од трето, четврто одделение, учествувајќи во драмските секции. Потоа низ средношколските години, па претставите подготвувани во есперантското друштво под раководство на Блаже Алексоски. Оттука произлезе и учеството во претставата “Бегалка” на професионалната сцена. Откога се вработив во театарот, родителите не стапнаа повеќе. Не сакаа да бидам актер. Сакаа да бидам адвокат – раскажува Вандески.

Не може да одреди која улога му е најдрага.

– Сé е дел од мене, сé ми е драго. Останало во мене сé. Има нијанси. Не можам да одделам која повеќе ми легнала. Улогите се како децата. Нкако за срце ми прирасна Мачорот, од Мачорот во чизми од 1970 година. Претставата уште двапати е поставувана на сцената. Куриозитет е што трипати ја играв истата улога. Станав  препознатлив кај многу генерации. На улица кога ќе ме видеа, велеа еве го Мачорот во чизми – вели Димко.

Вандески играл на Вторите театарски игри во 1966 година со претставата “Триста коли трње” од Миле Попоски во режија на Благоја Дамески. Во 1971 година ја добил првата и единствена награда во кариерата на театарските игри за млад актер за улогата на Соломон Крт во “Итроман Пејо”, во режија на професорот Ацо Алексов. Професионално се вработил во 1971 година.

Кога абортус?

Пред триесетина години во тетарот на љубов си зедовме нов директор. Личен, убав, од убав поубав. Арно ама, не би час и кладовме “наланите” и удривме да го кудиме по прилепската калдрма. Кој посилен во нападите. Дури и свикуваа собири на работни луѓе да се брка, демек непара арно работел. Во тоа време се работеше еден драмски текст, од наш, македонски автор, џанам Томе Арсоски. И наместо да го разработуваме текстот, сакавме на директорот, по прилепски, “глата да му ја скиниме”. Еден ден се јавува Арсоски да праша до кај сме со претставата и кога може да ја види. Му ја објаснувив состојбата, а тој по телефон искоментира: Кога бе абортус? 

Loading