ПОСТАПКАТА ЗА ТЕНДЕР ЈА ИЗДОЛЖИ САНАЦИЈАТА НА ДЕФЕКТОТ ПОВРЗАН СО КОТЛАРАТА

Зошто болницата две недели беше без парно греење?

Поради пукање на главната водоводна линија стара повеќе од 40 години која била поврзана со котларата болницата беше без парно греење. Санацијата на дефектот се издолжила заради неопходно запазување на законските обврски за спроведување на јавна набавка и тоа по скратена постапка. Дирекорката Кети Смилеска објаснува дека за разлика од порано кога дури и нафта се набавувала без почитување на процедурите, таа по легален пат што поскоро се обидела да го реши проблемот со затоплувањето во болницата. Во меѓувреме се користеле грејни тела во здравствената установа. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираа на прес конференција обвинувајќи ја централната власт и раководството на болницата за наводна негрижа за болните.

За санирање на двонеделниот дефект на системот за централно греење во болницата претходно морало да се распише и тендер за зафатот.

– Во болницата има дополнителни грејни тела и ниту еден пациент не се наоѓа во просторија која што не е затоплена. Мазут имало доволно, во два наврати набавени се 55 тони, а во постапка е набавката на уште 25 тони со што ќе се задоволат потребите на установата – објаснува Кети Смилеска, директор на Општата болница.

Санирањето на водоводната мрежа беше во тек до затворањето на весникот во средата.

Во февруари годинава болницата немаше греење поради доцнење на испораката од добавувачот.

ОК на ВМРО – ДПМНЕ

ДОКАЗ ЗА НЕГРИЖА ЗА ПРИЛЕПЧАНИ

Според ОК на ВМРО-ДПМНЕ  проблемот со греењето во болницата е само уште еден доказ за неспособноста на централната власт да се грижи за граѓаните  и токму поради тоа биле потребни и брзи предвремени избори.

– До кога разно разни грејни тела ќе бидат некакво решение за затоплување на болница која треба да претставува пример за здравствена установа со нормални услови за пациентите? Дали како и многу пати во минатото, повторно топката и вината ќе се префрлаат на друга страна, па така на пример виновен ќе биде добавувачот, доцнењето со испораката на мазут, немањето доволни количини, а никогаш раководството и директорот на самата болница? – рече Христијан Тунески, од ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

Loading