ПРИРОДНАТА И ДУХОВНАТА УБАВИНА

Манастирски комплекс Свети Архангел Михаил во Варош

Сите патишта денеска водат кон Варош. Колона од луѓе ќе се качува да го посети манастирот Свети Архангел Михаил. Светилиштето плени со својата  природна и духовна убавина.

Предизвикува интерес кај посетителот, не е само убавината на манастирот, туку и исцелителната моќ на водата која извира од кладенецот. За водата која блика, Марко Цепенко забележал дека некое турско дете се измокрило во отвореното кладенче,  по што се вкочанило и ослепело. Молитвите и миењето од водите му помогнале да се излекува.

Монашкото сестринство во манастирот го нарекува кладенецот, богодродичен извор. 

-Чудотворна е водата. Мајката Божја се застапува за сите и ја лекува секоја немоќ на нашите души и тела. Еден човек кажа дека неговиот внук прогледал, откако го измиле со вода од изворот – раскажуваат монахињите.

Многу луѓе од цела Македонија ја почитуваат легендата и денес. Доаѓаат на кладенецот да наполнат водат и да се исцелат од некоја болест.

Припиен во сивите карпи под крепоста на Кралот Марко, во манастирскиот комплекс се наѕира камбанаријата, црквата и старите и новите конаци.

Во храмот се пронајдени старите фрески. Доста се оштетени, сепак се препознаваат композиции на Страдањата Христови и Чудата на Св. Архангел Михаил. Од двете страни на влезот во цел раст се насликани фигури на кралот Волкашин и неговиот син Марко. Манастирскиот комплекс е познат и по фрагментот од фреска од 12 век на “Св Архангел Гаврил”.

Монахињите се грижат духовно  за светиот дом. Сликаат икони по преданието во ореово дрво, со заднина од 24 каратно злато, обоени со природни пигменти растопени со жолчка од јајце.

Воодушевува убавината на старата архитектура, богатството на икони и фрески, импресивната глетка на Пелагонија. Доаѓаат луѓе да го задоволат љубопиството и да ги нахранат очите. Восхитува секое парче од манастирот впиен во сивите карпи под Маркукуле. Невидена панорама.

Црквата датира од 11 век

Најстарите податоци за црквата датираат од 11 век. Тоа се откриените фрески на Свети Архангел Михаил и на фигурата на неидентификуваниот светец, сочувани на големите карпи. Двете карпи биле малтерисани и насликани на малата црквичка, под подот на денешнниот божји храм. За духовното светилиште во 12 век сведочат сочуваниот ѕид на север и сочуваниот фрескоживопис, со видливи елементи на кралски портрети и фрагменти на ликови од светци. Била доградена ,,западната црква,, со сочувани фрески од 13 век, меѓу кои и ктиторскиот кој го држи моделот на црквата. Еден век подоцна била зографисана ,,источната црква,,. За ова сведочат фреските од олтарниот простор и портретите на Волкашин и на Крали Марко на пиластрите на западната фасада, лево и десно од влезот на црквата.  Во 16 век се обновил источниот дел. Во 1861 година црквата е обновена со свод, изградба на отворен трем и на камбанарија. Се изградило и западното крило на манастирските конаци. Црквата е еднокорабна градба со нагласен источен и западен дел. Остатоците од фрески датираат од 11 и 12 век. Фасцинираат и говорат за извонредни зографи и мајсторски дела. Се забележуваат фреските “Христос пред Пила”, “Патот на Голготата”, “Симнувањето на крстот”. На северниот ѕид е насликана монументалната фигура на Архангел Михаил, по кој е именувана црквата.

На мермер натпис со кирилско писмо    

На мермените колони на тремот пред влезот на црквата сочуван е запис на кирилско писмо од 996 година. На натипсот се споменува смртта на Андреа. Тој е значаен затоа што е втор по старост словенски натпис со кирилски букви.

Еден од 77-те храма во Варош

Според преданијата во Варош, во време на Крали Марко имало 77 цркви. Од нив, освен Св. Архангел Михаил, останати се Св. Димитрија, Св. Никола, Св. Петар, Св. Пречиста, Св. Аатанасие… Варошани велат дека  црквите биле изградени од кралеви и банови, а најмногу од Крале Марко.

Loading