ОПОМЕНА  ОД МАРКОВИ КУЛИ

Маркови кули, како два прста, како две тупаници, како вечно предупредување против силата на времето. Македонијо, овде без тебе мир нема да има. Така сакала судбината, така морало да биде. Држава која го губи суверенитетот, престанува да биде држава. Народот кој го губи идентитетот, ја губи и државата. 30 години независност, рамно на башибозук. Нема ниту држава, ниту нација, ниту институции… Колективна смрт.

А моралот, продајте им го на друг. И онака не вреди ниту пет пари. Живееме во безумност. За безумноста не е виновен онај кој ја создал, туку онај кој ја прифатил за нормална. Имаме докажани по веење бели знамиња, по порачка. Македонија е протекторат без идентитет, дури и Криволак има поголем  суверенитет. Резултат на умереноста е држава фрлена на колена.

Ниедна политика не е толку вредна за толку отстапки од наша страна. Се бара да се откажеме од највредното, за многумина и свето, за да добиеме нешто безвредно, како што се бескрајни и понижувачки  преговори со ЕУ. За ништо, да дадеш сешто. Многу неосвестени посакуваат ништо. И тука има луѓе на кои им се згадува, кои не ги сакаат испаднатите од човечкиот род. Мала кошничка светлина загубена во мракот на човечкиот одпад. Обично свеста се појавува само кога работите ќе дојдат до точка да се биде или не.

Белата смрт и се заканува на македонската држава да престане да постои. Најквалитетните кадри ги сервисираме како готов производ на странски држави. Со бедотија, срам и понижување, нашите деца ја напуштаат земјата. Кога ги гледам како страдаат, се срамам поради нивниот срам. Кога им помагам, правам грев кон нивната гордост.

Нуркам во книжевната маѓија, читам романи за војната, обидувајќи се да се сетам на не преживеното, а тие запнале да ми стане дел од биографијата.

Емил Зола, Писаро, Монет…, околностите направиле да за момент ја одложат творечката дејност да се вмешаат во актуелните настани. Тоа е интелектуалец. Тоа е таа смисла за одложување. Тоа е спремност за вплеткување. Тоа што најдобро би можеле да го посакаме, тоа пак го откриваме за спремност.

Завршија со победата на географијата над историјата, а сега ќе ја кројат историјата.

Ако на Сталин не му пречеше уставот да уништи повеќе милиони луѓе, зошто кај нас да биде пречка фашистичките соработници од втората светска војна да добијат што сакаат.

Народот ја загуби вербата дека постои решение. Се распиштолија бугарските власти низ Македонија да видат до каде се со македонското распаѓање.

Грижете се за својот народ, а за другиот народ има кој да се грижи. Нема пострашно, да не бидеш со својот народ кога е најгусто. Не сум спреман да се одречам од своите предци.

ПРИМ. Д-Р  Б.  ДАМЕСКИ

Loading