ХРАБРОСТ, НЕ ОДВАЖНОСТ

Имаме повеќе ТВ куќи. Програмите, речиси исти. Народни приказни, турски серии, политика и тек – тук по нешто друго. Се појави нова, наша, македонска серија. Слична на онаа која траеше подолго време – ПРЕСПАВ.

Со новата серија, нова грешка. Во почетокот, нНасловот на серијата гласи – КУЌЕН ПРИТВОР. Грешката ја слушаме редовно, од новинари, од политичари и од многу други. Ретко ќе чуеме некој да рече – ДОМАШЕН ПРИТВОР. А токму така треба. Човекот на кого му е изречена таква мерка не смее да го напушта својот дом. Треба да седи дома. Да не излегува оддома. По влијание на српскиот јазик и неразмислувајќи доволно, мнозинството луѓе велат – КУЌЕН ПРИТВОР. Ајде да речеме, новинарот ќе рече така и утре може да ја поправи грешката, а вака, серијата го носи името постојано, додека трае. На шпицата се изнапишани многу имиња. Сите имаат некакво учество во градбата на емисијата. Не сме успеале да забележиме дали има напишано и име на лектор. Ако го нема, тоа е штета. А ако го има, тоа е уште поголема штета. Ако има лектор, не смее да допушти името на серијата да гласи токму така.

Во Југославија долго време се емитуваше белградската сериска емисија – ПОЗОРИШТЕ У КУЌИ. Во почетокот, нашиве преведувачи го преведуваа – ТЕАТАР В КУЌА. Покојниот Благоја Корубин пишуваше и предлагаше што е точно, како да се вика – ТЕАТАР ДОМА. Не си спомнуваме дали потоа се смени насловот. Сличен е случајот со терминот – ДОМАШЕН ПРИТВОР, а не КУЌЕН ПРТИВОР.

Постојат кај нас некои остатоци од извесни падежни форми и се формираат прилози – надкуќи, задкуќи, вкуќи, предкуќи. Ова нема врска со насловот на серијата. Накусо – ДОМАШЕН ПРИТВОР.

Дуелите (двобоите) на политичар од една партија со политичар од друга не се ретки на ТВ емисиите. Напротив! Во недостаток на забавни емисии, ваквите нешта често стануваат и забавни. Следиме ваков дуел. Се гласало за некој проблем, за некоја точка од дневниот ред. Едни гласале “за”, а другите ја напуштиле салата. Не гласале. Ни за едното ни за другото. Пратеникот го критикува таквиот начин. Вели “Никој немаше храброст да се одважи и да гласа”. Што значи зборот – ОДВАЖЕН. Потеклото му е од старословенскиот јазик, а значи храбар, смел. Тој збор не влегол во нашиот јазик. Во српскиот го има, го има и во рускиот. Кај нас не влегол, немало потреба, дури би придобил и сосема поинакво значење кога би го употребувале. Да речеме некој бил важен, но ете, се одважил. Како што некој бил женет, па се одженил. Немаме потреба од тој збор. Зборовите ХРАБАР и СМЕЛ успешно ја вршат таа улога. Да се вратиме на пратеникот: “Никој немаше храброст да се одважи”… И, што излегува од ова? Никој немал храброст да се охрабри! Нелогичност! Не ни треба зборот, но ние како обично, како секогаш, земаме од српскиот јазик и тоа што ни треба и тоа што не ни треба.

На една ТВ слушаме емисија за ресенскиот ЈАБОЛКОБЕР. Којзнае колку пати новинарката го употреби тој збор, но погрешно. Како да се работи за два збора – јаболко бер. Можеби е правилно напишано, но таа погрешно го акцентира. ЈАБОЛКОБЕР! Сложена именка. Акцентот паѓа (треба да паѓа) на третиот слог одназад. Оваа грешка сме ја слушале и порано со акцентот на првиот слог одназад.

ЈАБОЛКОБЕР, на третиот слог одназад. Такво е нашето правило.

Loading