ЕДУКАТИВНИ РАБОТИЛНИЦИ ЗА УЧЕНИЦИ И НАСТАВНИЦИ

На МТФ Војдан Чернодрински

Македонскиот театарски фестивал “Војдан Чернодрински” на 57. издание под мотото “Враќање дома”, воведува содржини преку целата година. Меѓу нив, утре ќе има едукативната работилница, која ќе ја води режисерот и едукатор Милош Б. Андоновски. Ќе биде наменета за наставници и ученици од ОУ “Кочо Рацин” и “Климент Охридски” и  гимназијата “Мирче Ацев” и СОУ “Ѓорче Петров”.

Работилниците ќе се одвиваат во репетиционата сала на театарот. Фокусот ќе биде истражување и проучување на театарската уметност и неговите сфери, актерството, драмското пишување, сценографијата, костимографијата, критиката.

– Едукативната програма, не само што го прават фестивалот поотворен, туку нуди ретка можност за меѓугенерациско учење, наставници, ученици и актери на различна возраст, заедно да учат едни од други. Целта е создавање на нова публика и нови очи, кои повторно ќе му се враќаат на театарот – вели режисерот Андоновски.

Надополнува дека ќе бидат вклучени неколкумина актери од прилепскиот ансамбл, кои ќе се среќаваат со учениците и наставниците еднаш неделно до почетокот на фестивалот во јуни.

Месечните работилници ќе бидат тематски и поврзани со драмата “Вејка на ветрот” од Коле Чашуле, кој е автор во фокусот на 57. издание на фестивалот.

Директорката на фестивалот, Ана Стојаноска, посочува дека секоја година ќе ротираат по две средни и две основни училишта.

-До почетокот на февруари, ќе има и презентација на сработеното, дополнува Стојаноска.

Инаку, 57. издание на МТФ в година се планира да анимира публика под мотото цел град театар, да биде зелен еко фестивал, а главен фокус ќе биде ставен на домашната драма и ќе се вмрежува со сродни манифестации.

Loading