ДОМ ПОДОБАР ОД ДОМА

Дом за згрижување на стари и изнемоштени лица – “Киро Крстески – Платник”

Сончева централа на покривот за штедење на струја

На хигиенски средства мириса уште од влезот во домот за згрижување на стари и изнемоштени лица “Киро Крстески – Платник”. Атмосфера на ведрина и среќа се гледа на лицата на станарите на оваа институција која е топол дом, полн со љубов на околу 150 возрасни луѓе. Пријатниот амбиент се забележува уште од ходникот каде таванот е обновен со сопствени 300 илјади денари, а не бил поправен од  градбата на објектот. Новото раководство ја осовременува ќуќата на возрасните со обезбедување на нови легла, нови кревети и душеци и придружен инвентар според потребите за секој од 150-те сместени штитеници. И трпезаријата е обновена со нови маси и столици, кои не биле сменети од отворањето на оваа установа. Наскоро, покривот ќе биде сончева централа. Ќе се инсталираат фотоволтаици за производство на струја за драстично намалување на трошоците и сончеви колектори за топла вода за бањите и за кујната. Такаречи домот за стари лица добива нова внатрешна физиономија и современо “руво” според европските мерила на вакви установи.

Во такви околности се одвива неделата за грижа за старите лица во домот “Киро Крстески – Платник”.

– “Жителите” на домот не треба да се чувстуваат дека се товар на туѓ грб. Напротив, и тие сакаат во своите поодминати години да ги уживаат благодетите на возраста. Во домот се третирани како луѓе на кои им е потребна грижа, оти судбината ги довела да бидат дел од заедничкото големо семејство. Затоа подготвивме проект за подобрување на условите. И добивме виза дека преку пелагонискиот плански регион може да се набави опрема за домот за над 5,2 милиони денари за подобрување на условите. Набавени се 90 медицински кревети, 53 кревети од масивно дрво, 50 масички на тркала погодни за сите видови на кревети, 64 трпезариски столици, 16 трпезариски маси, 8 сета од по 4 столици за во ходникот, 18 плакари за во собите… Овде не стивнуваат напорите за создавање на попријатен амбиент за луѓето од “третата доба” – вели директорот Благојче Стојаноски.

Веќе е прифатен уште еден проект за заштеда на енергија и за намалување на трошоците за електрична енергија и за нафта.   

– Станува збор за инсталација на фотоволтаици и систем за топла вода преку Центарот за развој на пелагонискиот плански регион за седум милони денари. Апликацијата беше во соработка со локалната самоуправа. Содржината е поставување на фотоволтаци за производство на струја за сопствените потреби и обезбедување на топла вода за бањите и за кујната,  преку сончеви колектори, која досега се грееше со нафта. Плус, ќе се инсталира со топлотна пумпа за намалување на трошоците за затоплување – вели Стојаноски.

Заедно со персоналот од 36 вработени Стојаноски е среќен што успеваат да создадат попријатен живот на возрасните нечии мајки и татковци, баби и дедовци, браќа или сестри. Се радува што е дел од една хумана мисија, одговорна и благодателна работа, со која им ги разнежнува срцата на возрасните и што им предизвикува насмевка на лицата,  не штедејќи се и негувајќи надеж дека ќе открие нови извори за финансирање на нови проекти за продолжување на животот на возрасните.

Фризирани баби

Учениците од профилите за козметичари и фризери  при СОУ “Ѓорче Петров” им ги дотераа косите на женскиот состав на станарите на домот. При нивната посета ги потстрижија, на дел им ги обоија и дури им направија креации на косите. Бабите бликаа од радост, потсетувајќи се на младите години. 

Вакцина против грип

Грижата за здравјето на станарите на домот е постојана на вработените. Во соработка со Центарот за јавно здравје, обезбедени се вакцни против сезонски грип. Точно 64 станари изразиле волја да се заштитат од последиците од оваа болест, која го напаѓа имунолошкиот систем и може да биде фатална за возрасните. Тие се вакцинирани и им се намалени ризиците од заболувања.

Учениците од медицинската насока на СОУ “Ѓорче Петров” им го проверува крвниот притисок на станарите од домот заедно со нивните гости од Италија, Франција, Германија и Хрватска. Децата, ем ги разбудија чувствата кај старите дека не се заборавени, ем изведуваа практична настава што им е дел од програмските образовни активности.

Посета на градоначалникот

И градоначалникот Борче Јовчески не ги изневери очекувањата на старите како што тоа го чини секоја година за Неделата за грижа на старите лица. Им отиде на гости да ги охрабри, да им соопшти дека нема да затаи грижата на локалната самоуправа за возрасните и да им посака многу здравје и долг животен век. Децата од ОУ “Кире Гаврилоски – Јане” пак приредија музичка програма за возрасните да им ги збогатат дневните животни содржини.

Loading