НЕ ЈА КРАДИ ДРЖАВАТА?!

Убаво е што на Радио Скопје постои емисија за јазикот. Насловот е “Зборуваме македонски”. И тука се поткраднуваат по некои грешки. Слушнавме ваква реченица: “Не се откажувајте”. Вакви реченици, со ваков редослед на зборовите, слушаме мошне често на сите ТВ. Така се влијае на обичните луѓе и тие мислат дека тоа е правилно. Зошто реченицата да не гласи: “Не откажувајте се”, како што е правилно? Се создава голема забуна понекогаш. На пример, да го земеме глаголот “бричи” (се). Ако сакаме да кажеме дека некој не треба да се бричи, ќе му речеме: “Не бричи се”! Ако речеме: “Не се бричи”, веќе смислата е сосема друга, дека некој не практикува такво нешто.

Ни се најде при рака една малечка книшка, со некои корисни совети. Издавач е Бигорскиот манастир Св. Јован Крстител. Насловот гласи: “Не ја кради државата”. Изнапишани се и авторот и преведувачот, а и лекторот. Што разбираме од насловот на книшката? Дали станува збор за некој што не ја кради државата? Не! Откако прочитавме нешто, станува јасно дека авторот советува да не ја крадеме државата. Според тоа, насловот треба да гласи: “Не кради ја државата”, а не “Не ја кради државата”. Еве, малку надвор од темата, но ќе приведеме некои реченици од книгата. Корисни се.”Не само да не ја крадеш државата, туку биди и од корист”. “Ако досега ја поткраднуваше својата држава, врати и двојно”. Би му сугерирале на преведувачот: Ако досега ви се поткраднувале вакви јазични грешки, обрнете двојно повеќе внимание во иднина. Не правете повеќе вакви грешки. Не само преведувачот, туку и сите кои се фатиле за перото. А што се однесува до советот, да не се кради државата, тоа можеби не се однесува на нашава држава, туку на некоја друга, на некои други луѓе кои крадат од државата.

Залутавме малку во друга насока. Се враќаме на ЈАЗИКОТ. Слушавме емисија од областа на здравството. Зборуваше специјалист за очни болести: “Штом ќе приметите светлуцање пред око, да се јавите веднаш на лекар”. СВЕТЛУЦАЊЕ! Зошто пак српски збор? Еве уште еден – “примети”. Наместо “светлуцање”, нашиот збор би бил СВЕТУЛКАЊЕ. Може и светкање и потсветнување. Зошто реченицата да не гласи: “Секој што ќе забележи (не примети) светулкање пред окото, веднаш да се јави на лекар”?

Некоја општина се луксузирала и купила разно-разни сувенири. Се купиле и “привезоци”. Ова го слушнавме на повеќе ТВ. Зар и ваква грешка да се провлече? Зар ова не е повеќе од јасно? Тоа се ситни предмети кои се приврзуваат на нешто. Зар толку е тешко да се сфати дека тоа се ПРИВРЗОЦИ, а не ПРИВЕЗОЦИ? Тоа треба да го знаат и деца од основно училиште. Но, како ќе го знаат, ако ги учиме вака?

Сме забележале и друга реченица од докторот специјалист за очни болести. Вака гласи реченицата: “Неопходен е детален преглед на окото, како би се утврдиле другите евентуални причини за намалување на видот”. Кој би рекол дека овде постои некаква грешка? Луѓето и не знаат, не препознаваат дека овде има грешка. А каде е грешката? И оваа реченица е конструирана по теркот на српските искази. Се вели да се изврши детален преглед “како би се утврдиле други причини”. Не, не треба така. Да се изврши детален преглед “за да се утврдат други причини”, а не “како би се утврдиле”. За ваквите синтаксички грешки никој не размислува. Многу погрешни конструкции. “Ќе патуваме со кола како би можеле да стигнеме”. А зошто не: “Ќе патуваме со кола за да можеме побрзо да стигнеме”? Тоа е правилното.

Loading