САЛЕПОТ ЗА ВОСПАЛЕНО ГРЛО

Салепот е билка од која се користи коренот. Популарниот прав се добива со мелење на сушени луковици од планински орхидеи. Растението е погодно за производство на салеп. Коренот има јајцевидна форма. Се состои од две луковици. Поголемата го храни цветот, а помалата е резервна. Производителите најчесто ја користат помалата, резервна луковица. Кога таа е отстранета, поголемата генерира нови луковици и цветот продолжува да живее. Здравите, сочни и развиени луковици се откопуваат кога билките цветаат или по нивно прецветување. Собраните корења се мијат во ладна вода. Потоа се оставаат неколку минути во топла вода да се деактивираат ензимите во нив, па дури потоа се сушат на сонце. Поради големото количество на слуз која ја содржи, од коренот се приготвува густа, вискозна течност, која популарно се нарекува салеп. Овој пијалак се препорачува при надразнетост на грлото и на горните дишни патишта, бидејќи надразнетата слузокожа ја обложува со тенок заштитен слој. Така се запира кашлањето. Се верува дека има и афродизијачко својство.

Салепот содржи соединенија растворливи во вода и со својство на згуснувачи. Пијалакот бил популарен во Европа пред да дојде кафето од Африка.

Начин на приготвување: Една лажичка салеп во прав се меша со малку вода, додека смесата не се изедначи. Потоа се додава една чаша млеко и се вари 5 мин. со постојано мешање. Кога ќе згусне, напитокот е подготвен. Се зачинува со цимет или чоколадни трошки.

Loading