КАПАЦИТЕТ

Да! Капацитет! Во последно време, многу често употребуван збор. Уште почесто, погрешно употребуван збор. Чудно! Многу чудно! Од каде се појави таа навика фабриките да се нарекуваат капацитети?! Хотелите да се нарекуваат капацитети?! Во најпоследно време термоцентралите, хидроцентралите да се нарекуваат капацитети?!

Што значи всушност зборот – КАПАЦИТЕТ? Потеклото му е латинско, но веќе навлегол во сите јазици, па и во македонскиот. Зборот означува крајна можност, краен дострел. Да речеме, еден хотел располага со 50 легла, тоа е неговиот капацитет. Толку гости може да прими, а не повеќе. Но, хотелот не е капацитет. Некој ресторан може да има најмногу 20 маси. Тоа е неговиот капацитет. Некоја фабрика за чевли, може да произведе 1000 рала чевли за еден месец. Толкав и е капацитетот, но фабриката не е капацитет. Така со ред. Една хидроцентрала може да произведе толку и толку струја за единица време. Значи, толкав е нејзиниот капацитет. А хидроцентралата не е капацитет.

Примери до недоглед, до бескрај. И до бескрај слушаме погрешна употреба на тој збор. Слушаме дека во Охрид ќе се граделе нови хотелски капацитети, дека недостасувале енергетски капацитети – хидроцентрали, термоцентрали.  Навистина апсурден израз. Поранешен министер за правда, објаснува дека во Идризово просторот не бил доволен. Затоа ќе се градел нов капацитет. Новата зграда министерот ја вика капацитет.

Се појавија и некои збороклепачи кои произведуваат нови зборови да го “збогатуваат “ македонскиот јазик. Слушнавме за РЕК Битола да се вели дека тоа било – ЕНЕРГОКАПАЦИТЕТ. Таму се произведува енергија. Фабриката за чевли, по таа логика е ЧЕВЛАРОКАПАЦИТЕТ. А изградбата на новиот хотел ќе биде – ХОТЕЛОКАПАЦИТЕТ.

Бидејќи енергетската криза е голема, известија дека енергетските капацитети не работеле со полн капацитет. Замислете! Капацитетите не работеле со полн капацитет. Многупати се прашуваме, дали во вакви ситуации, говорителите се слушаат што зборуваат?! Зар не им е јасно дека електроцентралите се тие кои не работат со полн капацитет.

Уште еден апсурд. Уште еден говорител кој не се слуша што зборува. Така во некои странски земји уште сме немале амбасадори. Тоа е слушнато повеќепати. Паѓа в очи, поправо в уши, дека сме немале амбасадори во некои странски земји. Што треба да разбереме? Дали постојат и некои домашни земји? Зошто не се вели дека сме немале амбасадори во некои земји, а не во некои странски земји? Зар многу размислување е потребно, да се разбере дека ова е апсурд? Зар многу размислување е потребно за да се сфати дека не постојат домашни земји?

Ова со “странски земји”, го слушаме првпат. Она со капацитетот е редовно. И тоа од сите, буквално сите, новинари, политичари, интелектуалци. Интелектуалци се оние кои завршиле високи школи, нели? Тука ги вбројуваме и оние кои завршиле високи школи и во нашиве многубројни (прекубројни) универзитети. Зборот КАПАЦИТЕТ не е многу чест во вокабуларот на обичните луѓе. Го употребуваат, во најголем број случаи, интелектуалците. Во краен случај, постојат и речници. Понекогаш треба да се погледне и во нив. Во сите речници објаснето е што значи зборот – КАПАЦИТЕТ. Тогаш, каде е причината за олку погрешна употреба?

Најверојатно, причината е во тоа што е мал јазичниот, но и интелектуалниот КАПАЦИТЕТ на тие што го употребуваат.

Loading