КЛОКОТОТ НА БОЖЈИОТ ЗБОР

Манастирот Света Петка во селото Гостиражни

Никнат во дабова прегратка и накитен со божја убавина

Сончевите октомвриски зраци со пердувестите облаци се смеат по патот кон манастирот Света Петка во Гостиражни. Восхитува природата во чии прегратки воскликнал божјиот храм. Залегнал на 800 м. надморска височина, со здив на спокој со кој дише утрото. Преплавена со светлина, со чувство на неверојатна сигурност и хармонија, откраднавме скапоцени минути во градината на Бога. На вакавското место, каде од скромен Божји дом се испраќа порака, неизбежен е допирот на божјата енергија. Местото клокоти со природна живост. Голи рид, каде се стуткал манастирот, е богат со дабова шума. Раскошот од флора и фауна говори за водоличност. Трагите од дивеч, диви свињи, волци, срни, и капинки и печурки-вргањ, се говорливи сведоци на животот наоколу. Манастирот се наоѓа на околу еден километар од Гостиражни. Село со мешано население -муслиманско и православно.

На Божјото парче земја се стегаат врвките на животот. Да се ослободите од солзите во душата, со мисла дека тие ќе бидат изворот на Света Петка, од чија шепурка ќе капне животворна вода. 

Храмот е кренатна стари темели од плитарна црквичка во 1985 г. на иницијатива на Стојан и Иванка од Гостиражни. Го дале местото на вакавот. Бидејќи црквичката е млада, иконите се понови, дарувани од  разни фамилии.

Домаќините кажуваат дека на некој Петре, на кого му загинале синот и снаат во несреќи, собирал донации и со сопствени пари го организирал градењето на црквата.

– Сé е кренато од темел. Црквата е од тврд материјал.  Направен е комплекс со конаците. Помагаме и работиме – велат домашините. 

Конакот располага со соби и кревети. Има трпезарија за 60-тина души која се полни за Благовец, Света Петка, летна и Петковден, која се слави во манастирот. Порано доаѓале 300 души, верници и посетители за Петковден. Домаќините на денот ги пречекуваат гостите.         Во едно долче каде шумат дабовите ливчиња под нозе, и каде водата која некогаш клокотела и направила вирчиња, се скрила чешмата Света Петка. Гасне жед водата, која се зема за здравје. Манастирот се снабдувал со вода со резервоар. Нема добиток и ниви, но е место за оддишка и за  “напиток” од божјата вистина.

Три дена се празнува Света Петка

Православаната црква празнува три Света Петки. “Света Преподобна маченица Параскева Римска”, на 8.08, “Преподобна Параскева – Петковден” 27.10., и “Света Маченица Параскева – Петка Икониска”, 10.11.

Света Петка за успешна работа

Света Петка – Параскева живеела монашки живот и се посветила на Христа. Живеела испоснички. Била образована. Ја измачувале со железен вжештен шлем, ја фрлиле во казан со врело масло и смола, ја фрлиле во јама каде имало отровна змија и таа  била избавена. Во 140 година и е отсечена главата, а 180 година е прогласена за светица. Моштите и се пренесени во Цариград. Параскева на грчки значело “петок”. Оваа светица е почитувана како исцелителка на слепилото, неподвижноста и неродкињите, а некои велат дека таа е и за успех во работата. 

Loading