ИСТЛЕА БОРЕЦОТ ЗА ОБЕДИНЕТА МАКЕДОНИЈА

Замина Методија Маркоски – Оската  – побегнат борец во Америка

За спас од сиромаштија – пушка в планина

Америка го пречекала во најтешката индустрија

Неодамна во Америка почина Методија Маркоски – Оската. Тој беше борец, избеган во ветената земја во 1955 година, зашто власта го малтретирала дома. Бил темпераментен, немирен дух кој потпивнувал, иако бил возач. Доаѓал во конфликт. Бил покажуван со прст и подлежел на репресија. Затоа пребегал во Америка. Неговите сеќавања уште се свежи, зашто Зенит ги запиша на неговиот последен престој дома во Прилеп пред години. 

Соработувал со партии за Македонија

Околу 40 години не бил стапнат дома. Со константна тага во душата и низ солзи се враќаше на детството, на младоста на првиот чекор во борбените редови, на бегство во Америка кога зборуваше за Зенит.

Тогаш, на 84 години, и преку океанот, бил со мисла за Македонија. И тоа сплотена со Егеј, Пирин и Вардар. Велеше дека колку е подалеку од татковината, толку повеќе му гори желбата за националното единство. И таму, илјадници километри од својата грутка, соработувал со партиите за Македонија, само да се негува македонската ослободителна кауза. Живееше преку океанот, како слободен човек, но со траума и носталгија за родниот крај, со мисла за обединета Македонија. Велеше дека само национално единство може да ги урне лабавите темели на Македонците во Бугарија и Беломоре.

– Бевме пет деца. Живеевме од тутун. Гладни, боси, парталави. На 18 години мајка ми ме прати да купам леб. Ме сретна другар и ме убеди да се бориме в планина. Избегав во Грција, каде беше слободна зона. Се борев за слобода, за подобар живот, да нема сиромаштија која ме “јадеше” од дете. Бевме боси и голи. Соблекувавме бугарски војници да се облечеме. Селаните помагаа. Даваа лепче и сиренце. Се колеше добиток и се печеше кога цела чета седеше неколку дена в село – се сеќаваше низ солзи Методија Маркоски – Оската.

Бил многу решителен, без страв и колебање. Кога му бил загрозен животот, можел да убие.

– Се браневме. Бев борец. Бомбаш, митралезец. Сите другари ме почитуваа. Кој ќе биде доброволец – митралезецот Оската. Кој ќе оди бомбаш – Оската. Секогаш во првите борбени редови – доброволец за борба. Се боревме низ цела Македонија – раскажуваше Оската.

Во петтата бригадата биле речиси сите прилепчани. Тек – тук заробеници од Русија.

– Методија Попоски беше командант. Рамо до рамо со Ѓоре Дамески, Коце Солунски… Дете бев – роса. Млад митралезец со оружје од 21 килограм и уште толку ногарите. Муницијата се товареше и се  растоваруваше. Со пушката ретко пукав – објаснуваше Методија, Оската.

Не бил упатен за што се бори партијата. Сиромаштијата го натерала да се бори. По војната служел по границите, Србија, бил во Белград, Загреб.

– Избегав 1955 година од Грција во Америка. Бев немирен дух. Ме гибаа. Милицијата ме гонеше. Од мака побегнав, иако бев шофер со добра заработувачка. Не ме примија двете тетки во Америка – се бореше низ солзите Маркоски.

Американската тешка индустрија била негов леб. Топел железо под високи температури, тешко и макотрпно.

– Се боревме за слобода, да создадеме земја, јазик писмо. Само да нема беда. И да се почитуваат борците, да му се дадат признанија – велеше Оската.

Тој имаше семејство, два сина во Америка, во Пенсилванија. Го изгорела носталгијата за дома. 

Loading