ИЛИНДЕНСКА ГРОБНИЦА БЕЗ СПОМЕНИК

Во Варош     

Кај црквата Свети Атанасиј се погребани петмина крушевчани

“Над влезот на црквата Свети Атанасиј во Варош има гробница од илинденски период, во која се погребани петмина крушевчани по задушувањето на Илинденското востание. На местото на гробницата имало и плоча поставена од Варошани, но била отстранета по доаѓањето на Србите”.

Ова го тврди професорот Никола Јованоски, од Крушево, кој  во 2003 година, по повод 100 години од Илинденското востание го истражувал убиството на крушевчаните.

Јованоски го информирал Заводот и Музеј за гробницата, но не било преземено ништо. Побарал поставување на спомен плоча.

– Истражувајќи го периодот по Илинденското востание дознав за убиството на петмината крушевчани. Постарите варошани раскажуваа дека се палеле свеќи на гробницата додека стоела спомен плочата. За жал, не е зачуван споменот на убиените. Ја информирав И Општината да поставија спомен плоча на местото на настанот- вели Јованоски.

Врзани, на пат кон Битола во Варош убиени       

По задушувањето на Илинденското востание во 1903, турскиот аскер, сакајќи да се одмазди, заробил околу 200 крушевчани. Врзани требало да се одонесат во апсаната во Битола. На пат, турскиот аскер убил петмина кај Варош, под изговор дека сакале да бегаат.

– Го прочитав записот на Никола Киров Мајски, кој го опишува убиството. Забележано е дека Сотир Лозанов, аскерот го стрелал во реката, а Ѓорги Лозанов – Тирчу, бил попрскан со газија и изгорен. Другите биле убиени. На местото биле погребани. Варошани им подигнале заедничка гробница, Братска могила, изработена во мермер – објаснува Јованоски.

Врзаните биле малтретирани. Најлошо минал свештеникот, Никола од селото Селце.

Населението палеле свеќи додека плочата не ја отстраниле “новите поробувачи”.

– На натписот пишувало: “Тука почиваат убиените од град Крушево: Сотир Лозанов, 31 г., Ѓорги Лозанов – Тирчу, 22 г., синови на Лазар Лозанов, самарџијата,, Трајче Нешков Аврамовски, 24 г., Веле Стеванов  – Белакошулка, 24 г., Андон Кузманов, 21 г. Убиени се на 2 август по стар стил. Терани биле од Крушево во Прилеп и ликвидирани од аскерот – посочува Јованоски, кој се надева дека на просторот каде се смета дека е гробницата ќе биде паметник за потсет на минатото и присет за иднината.

Loading