ПРИЛЕПЧАНЕЦ – ПЕТТИ НА БАЛКАНОТ

Тале Самарџиоски (42) – вљубеник во американскиот билјард

Тале Самарџиоски (42) е еден од  ретките прилепчани, вљубеници во американскиот билјард. Учествуваше на Балканското првенство во групата Југ во Солун неодамна. Со стеките и билите го освои петтото место меѓу 101  учесник. Иако пласманот е за респект, тој е воздржан, бидејќи се подготвувал за првите три победнички места. Сепак, тој го освоил до сега највисокото место каде се пласирал Македонец на меѓународен натпревар.

– Од Прилеп бевме двајца, со Кире Зајкоски, а од Македонија шест натпреварувач,и заедно со колегите од Косово, Албанија, Македонија, Бугарија и Грција. Немав доволно фокус и концентрација во четвртфиналето и се пласирав на петтата позиција. Пред две недели во групата Север (Србија, Црна Гора, Словенија) го освоив 9-то место во Ниш во конкуренција од 124 учесници – вели  Самарџиоски.

Ако порано билјардот се третирал како комар, сега е спорт, хоби, пасија, страст… Тој го преферира американски. Разликата меѓу класичниот или прилепскиот, наречен со чинетки или карамбол, е во тоа што на американската маса има отвори во кој треба да се внесат куглите по ред од 1 до 9. Дисциплината осумка се негува низ маалските клубови.

-Ова е многу пополурано. Се игра и се негува насекаде низ светот. Привлекува повеќе внимание. Играм во дисциплината “деветка”. Тој што ќе ја погоди последната дупка со билата број 9, тој е победник, без разлика ако претходно некој успеал да внесе осум топчиња. Се игра на професионални маси – објаснува  Самарџиоски.

Располага дома со сопствена маса на која вежба секој ден по завршување на професионалните обврски. Во Прилеп има уште една професионална маса во клубот. Иако е аматер, силата ја измерува и предизвик му се професионалците.

-За играта е потребно многу енергија, фокус и концентрација. Професионалците посветуваат 8 часа дневно за тренинг, а јас успевам секој ден да правам вежби, “дрилови”, за сејф удар… Семејството, работата, ми се пред сé. Вежбам минумум 2 часа. Потребна е физичка подготвеност. Билјардот е “скап спорт”. Има многу патувања и престои во различни градови. Нужна е соодветна опрема – нагласува Самарџиоски.

Тој спаѓа во сениорите според возраста. Ама во оваа “вештина” има умешност, а не се препознаваат годините, стари или млади. Жали што на натпреварот во Тревизо несреќно загубил од Грк (20), со кој во дуелот водел 8:6, но загубил 9:8. Знаењето во билјардот го мери на дуели на Балканот.

Секоја пасија се плаќа, па и учеството на натревари го подмирува само од сопствениот џеб. Учествувал на над 100 меѓународни турнири. Котизацијата не е висока, од 50 до 100 евра. Високи се другите давачки, како сместувања, патувања…

Постои македонска федерација и ранг на натпреварување.

– Поединечно сум пласиран во првата лига. Сега се органзираме за клубски натпревари. Имаме малку публика. Овој спорт се споредува со голфот. Потребна е тишина и медијатори кои раководат со малубројната публика – кажува билјардмајсторот.

Нема некакви профи амбиции. Билјардот му лежи 30 години. Го доживува како задоволство, кеф, адреналин…

-Најмногу ме привлекува предизвикот да учам од грешките од минатиот меч. Хендикеп е што кај нас нема тренери. Сами се учиме, преку интернет, он-лаин обуки во странство. Ми помогнаа часовите, но потребно е вежбање – вели Самарџиоски.

Нема наследник. Син му тренира кошарка, а сопругата му е фан и најголемата поддршка.

Loading