КИРИЛ ВЕЛКОСКИ
На последниот скопски маратон од 21 километар, трчаше два два ипол часа 71 годишнниот прилепчанец Кирил Велкоски. Тој беше дел од неколкуте илјади атлетичари од Македонија и уште многу други од повеќе земји.

Нашиот пензионер, познат на атлетската фела не само во земјава, туку и подалеку, својата кондициска подготвеност и мерак ја негува повеќе од десетина години. Скоро седум-осум години, откако е во пензија, секојдневно трча за себе по познатата атлетска рута – Прилеп – Топташ – Шаторов камен – манастир Св. Димитрија, Селце – Прилеп. Ако го прашате по колку километри трча годишно ридски и на рамно или на секојдневниот тренинг, Велкоски ќе каже дека не знае точно.

-Трчам и мислам дека ќе трчам уште долго, доколку ме служи здравјето и додека ме држат нозете. Сум најстар атлетичар, прилепчанец, плус пензионер на маратонски и ридски трки и на долги патеки. Според моите математички познавања мислам дека имам претрчано повеќе од 120- 140 километри на разни маратони преку цела година во Македонија и надвор од неа. Секој ден претрчувам околу десет и повеќе километри. Не ги одбирам трките, маратоните. Организаторите ме познаваат. Ми се јавуваат, оти ја имаат моја адреса и телефонот. Ме знаат како Чичко Киро од Прилеп. Сум трчал на повеќе маратони. Да се потсетам на Данилов град – Подгорица во Охрид, на Галичица, учествував на маратон во Љубљана, Словенија, во Истанбул, Турција и низ Македонија на повеќе маратони, покрај Галичица, Пелистер, Водно – Матка, Чупино брдо – рид, Виница- Кочани – Градче. Потоа на маратонот Прилеп – Маркови кули… Оваа трка ја трчам веќе седум години. Еве в недела, ќе трчам на македонски. Се надевам дека ќе има и атлетичари и од други земји. Ќе учествувам на планинскиот маратон Прилеп – Момата – рок треил – кажува Велкоски.

Тој ужива во трчањето. Убаво се чувствува кога се натпреварува со далеку помлади луѓе, се восхитува од дружбите со подобри и послаби атлетичари.
– Трчањето ми е задоволување на душевната, психичката и физичката потреба. Не е само страст или љубов, туку сопствено докажување на мојата снага, мускули, на моето тело… Трчањето е здравје и одржување на витата става. Не е битно што сум слаб, небаре ќе бидам манекен, на годиниве. Важно е што со силната желба за трчање која гори во мене и никогаш не се запретува со пепел и не згаснува, успевам да ја одржам соодветната тежина, нормална за годините. Не е скромност, ако кажам дека ми е ќеф кога градите ќе ми ги закитат медал или кога ќе ми дадат благодарница за учество на важен и значаен маратон – ги доловува Велкоски чувствата.
Кога ќе го прашате што му претставува маратонското трчање, Велкоски како од пушка одговара – здравје, неповторливо чувство на успех, на победа, на издржливост.
В недела Кирил Велкоски ќе трча на познатиот ридски маратон Прилеп – Момата- Прилеп.