СОНЦЕ ПРОТИВ СТРУЈНИОТ УДАР

Интервју – Сашко Самарџиоски – директор на на Прилепската пиварница

Инсталација на фотоволтаици би компензирале 35-38 отсто од струјата, која ја користиме на годишно ниво.

Растот на цените на струјата, на гориваат и останатите репроматеријали влијаат на драстичен раст на трошоците за производството во стопанството. Колкава е тежината на последиците во споредба со лани?

– Енергетската криза почна да се најавува уште пред крајот на претходната година, но никој не верувавме дека годинава ќе удри со таква жестина, што ќе го доведе во прашање опстанкот на многу компании во државава. Со почетокот на војната во Украина, цените на енергенсите драстично почнаа да се зголемуваат. Но, секој некако потајно размислуваше дека тоа ќе биди на кратки патеки, дека војната нема да потрае повеќе од еден месец и дека повторно цените ќе се нормализираат. Како минуваа месеците, се виде дека војната нема да биде кратка. Цените на берзите во Европа и во светот подивеа и вртоглаво пораснаа. Тоа неминовно го погоди и македонското стопанство и државата во целина. Секоја компанија на своја кожа осети што значи цената на енергијата и кога зборуваме за енергија не правиме муабет само за струја, туку и за гас, гориво, плин. Секоја компанија се најде во ситуација да прави кризен менаџмент како најдобро можно да се справи со оваа катаклизмична криза. Сметките за струја годинава се неколку пати повисоки од лани (4 до 5 пати). Тоа и тоа како има влијание на вкупното работење на компанијата.

Какви мерки преземате за ублажување на последиците?

-Кога енормно се покачени сите цени на енергенсите во компанијата, а правиме муабет дека и сите други импути како суровини, репроматеријали и услуги се покачени за 100 отсто и повеќе, нема многу простор за маневри. Нема компанија која може тоа да ги издржи со постојното работење т.е. од профитот кој го остварувала дотогаш. Колку и да се прави заштеди, цените на сите инпути се толку зголемени, што не може да ги покрие ниту една заштеда. Од тие причини бевме и сме приморани да ги покачуваме цените на крајните производи колку толку да обезбедиме континуитет во работењето, да ги задржиме сите вработени и да им обезбедиме пристојни приходи. Знам дека секое покачување на цените е непопуларно и дека сите овие цени ќе се прекршат на грбот на потрошувачите, но нема друго решение.

Пивото не е на списокот на основните прехранбени производи, а компаниите кои произведуваат храна ги коригираат цените. Дали нешто би се постигнало со зголемување на цените?

– Неминовно е цените да се покачат кога цените на сите енергенси се зголемени неколкукратно. Покачувањата мора да се амортизираат од профитот. Растот на цените на струјата и другите енергенси за месец-два, секој ќе направи малку поголеми напори и нема да посегни по покачување на цените на крајните производи. Но, ова не е краткорочно. Ова ќе потрае, сигурно до првата половина на идната година (не дај Боже да продолжи  понатаму). Затоа е нужно покачувањето на цените, колку тоа да не е популарно. Нема друг начин како компаниите да опстанат, ако не го направат тоа. Дури и со покачени цени, многу компании ќе дојдат во ситуација да стават клуч на вратата, зашто нема да можат да го издржат притисокот. Качувањето на цените автоматски значи пад на продажбата. Доколку компаниите имаат и други трошоци кои немаат можност да ги смалат, а имаат високи цени на инпутите, резултатот е погубен.

Повеќе компании инсталираа фотоволтаици за сопствено производство на струја на покривите на халите. Дали и вие се носите со ваква идеја за ублажување на струјниот удар?

-Ударот на цените на струјата почна да се чувствува пред крајот на претходната година. Тоа беше сигнал за размисла за алтернативни начини како да се дојде до поевтина струја. Како компанија, веднаш по првиот квартал од годинава се впуштивме во барање на понуди за инсталирање на фотоволтаична централа за потребите на компанијата. Но, постапките одеа со забавено темпо. Процедурите во државава беа обемни да се реализира инвестицијата за неколку месеци. Кога државата увиде дека на стопанството му е потребна поевтина струја да преживее, ги промени законските процедури, ги поедностави. Мислам дека сега многу побрзо може да се дојде од идеја до реализација на вакви проекти. Почнуваме со инсталација на опремата. За 2 месеци, ако овозможи времето, ќе може се вклучиме во енергетскиот систем, да користиме струја од свои обновливи извори.

Колку фотоволтаиците би влијаеле на намалување на трошоците за струја?

-Тоа би требало да ни ја компензира од  35 до 38 отсто струјата, која ја користиме на годишно ниво. Нормално во зима ефектот ќе биде помал заради сончевите периоди, а во лето ќе биде повисока искористеноста. Во просек, на годишно ниво сметаме дека ке и достигнеме 35 отсто заштеда во струјата од надворешниот снабдувач.

Како о колку би влијаел растот на вкупните трошоци на редуцирање на проектите за развој?

-Покрај покачувањето на цената на сите енергенси, во годинава нема ниеден репроматеријал или суровина кои не се со покачени цени. Најбитните инпути се покачени за 100 и повеќе проценти во споредба со лани. Нема прозивод, посебно не во сегментот на прехраната и пијалоците што сите овие покачувања може да ги апсорбира без да го наруши работењето. Ако ги покаци цените на производите, потрошувачката паѓа. Со тоа повторно трошоците не можат да се покријат. Ако не ги покачи, влегува во дебела загуба и банкрот. Значи како и да се заврти, ситуацијата не е добра. Во овие моменти мислам дека приоритет број 1 е да се одражат фирмите да работат, да ја продолжиме економската активност, а за развој во овие услови не станува збор. Многумина не сфаќаат колку е сериозна ситуацијата во нашата економија. Правиме муабет за “живот или смрт” на стопанството. За развој сме далеку, дури и да помислиме. Оваа криза, со надеж дека ќе се намали до првата половина на идната година, ќе не врати неколку години назад. А ако потрае, не дај Боже, ќе не врати и децении назад.

Што í предлагате на Владата за ублаужвање на последиците во вашата компанија?

-Свесни сме дека кризата и инфлацијата во ваков обем не се по наша вина, туку доаѓа од надвор. Како мала држава, немаме никакво влијание да спречиме вакви кризи. Тоа им е на сите јасно. Сметам дека кога ќе се појават катаклизмични кризи, иако државата не може да влијае, може да ги направи условите поподнослив со поголеми напори. Мислам дека во оваа криза, потфрливме како држава (под држава мислам на институциите, не на граѓаните). Институциите можеа многу подобро и навреме да реагираат уште кога се појавија првите сигнали дека ќе се соочиме со големи шокови на цените на сите енергенси и клучните суровини. Уште во март-април зборувавме за нарушувања во цените и дека ќе има недостиг на струја. Сериозните држави уште тогаш правеа сценарија што може да биди и да се спремаат како да одговорат на секое од тие сценарија. За жал, изгледа, не сме во тоа друштво на сериозни држави со обврска пред своите граѓани и пред своето стопанство. Ние сме како во прикаската “Мравката и штурецот”, за жал, ние сме штурецот. Додека сите се спремаа за тоа што може да биди, ние “свиревме”. И кога се појавија првите сметки за струја петпати поголеми, почнавме да бараме решенија како да се најди поевтина струја. Се растрчаа одговорните по државите да преговараат за поевтини енергенси. Сега нема евтин енергенс. Сега ситуацијата е дали и за повисока цена ќе се најде, како држава, некој да сака да ни продаде. Мислам дека како држава (одговорните институции) многу потфрлија во одредувањето на приоритетите во ваква ситуација. Владата се задоволи со одредувањето на фиксна цена за струјата за граѓаните (која патем речено и таа е повисока нормално од претходно), а ги заборави компаниите оставени на отворениот пазар на струја (струја купувана од берза). И мислеше дека со тоа ја заврши домашната задача. Да, како пазарна економија тоа е нормално, но во нормални усови на работење. Кога имаме апсолутно ненормални услови за работење во цела Европа, Владата не може и не смее да се дистаницира од улогата да го заштите стопанството од пропаст и да ги спаси сопствените жители. Едно сценарио, кое е многу релано, ние како поединци, имаме фиксна цена на струјата за дома и колкутолку сме заштитени од шоковите на слободниот пазар. Фирмите немаат некаква заштитна цена на струјата. Ја купуваат по берзанска цена која се движи секој саат различно од 250 до 1000 евра за МВЧ. Тоа се цени од 4-12 пати повисоки од ланските. Таа разлика на цените, фирмите не можат никаде да ја вградат до крајните производи. Многу ќе се затворат. Тоа значи дека вработените во тие компании ќе останат без работа и без приходи. И што дека државата му дала фиксна цена за домашната струја на луѓето, кога не можат да ги платат сметките! Значи, државата ништо не постигнала. Ете тоа ќе се случува, ако не успеат властите да најдат поевтини енергенси.

Се иссели народот

По речиси сто години од постоењето на Прилепската пиварница, дали македонскиот амбиент за бизнис ве предизвикува на размисла за постепено селење на капиталот во некои други области?

-Да бидам искрен, во 30 години македонска независност малку може да се избројат годините кога сме имале добри услови за бизнис. Живееме само во надеж и желба дека следната година ќе биде подобра, но како некоја клетва да е фрлена, па не можеиме да мрдниме од мртвата точка. Два чекори напред, три назад. Направени се премногу грешки во овие 30 години. Не гледам дека можеме да се надминиме себе си и да тргнеме со неколку чекори напред без да се вратиме назад. Искрено, после толку години во бизнисот, работите ги гледам повеќе песимистички, отколку оптимистички. Дај Боже, тоа да е само мое лично видување, а да е поинаку. Не е проблем да се пресели капиталот во други области, да започниш други бизниси, проблемот е што нема со кого да ги работиш тие бизниси (ни се иссели народот). Во какво опкружување ќе ги работиме тие бизниси? Дали воопшто има некаква предвидливост и конзистентност во економската политика на државата да се дисперзира капиталот во други области? Во сите 30 години државност, за жал, не оставивме многу впечаток дека сме посветени на стопанството и неговиот развој. Затоа сме тука кај што сме, а можеше да биди многу поинаку.

ДРЖАВАТА ПОТФРЛИ

Колку за инфомација. Државите околу нас, одамна ја субвенционираат струјата за компаниите. Им овозможуваат продолување на  животот и работниците да останат на работа. Србија има дава на компаниите струја по 95 евра, Бугарија им ја плаќа струјата на компаниите сé што е повисоко од 130 евра. Хрватска ги плаќа сметките за струја на компаниите повисоки од 225 евра, и тоа до април 2023 г. Како компании сме оставени сами на себе и плаќаме струја меѓу 500-600 евра. Направете компарација колку нашето стопанство може да биде конкурентно со економиите околу нас? Како ќе преживеат компаниите со овие цени? Затоа велам дека државата потфрли. Не ги заштити компаниите од кои живеат сите државни и јавни институции! Сега сме 1 октомври. Замислете уште нема информации дали, колку и какви мерки ќе добијат компаниите за ублажување на ситуацијава! Затоа велам дека не сме сериозни како држава.                                           

Loading