НЕОПХОДНИ ЧЕКОРИ ЗА ОПСТОЈ НА ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА

Дејан Проданоски, претседател на Советот на Општина Прилеп

На маратонската 15 седница, советниците на ВМРО-ДПМНЕ дадоа зелено светло на новите цени на комуналните услуги и водата од 1 октомври. Заради некоригирани сметку дури 13 години, зголемувањето на сметките од Комуналец е неминовно за 60 отсто. Цената на водата ќе биде повисока за 20 отсто. Најавено е и јавниот градски превоз  да оди на нов режим на плаќање со електронски картички. Ќ е има 50 возења за илјада денари.

Јавните комунални претпријатија ги образложија причините, кои во најголем дел се должат на зголемувањето на цената на струјата дури за 700 отсто, а за нафтата двојно. Биле исцрпени сите можности за штедење и рационално користење на расположливите средства. Мнозинството ги прифати предлозите од управните одбори.

Опозицијата жестоко се спротивстави, обидувајќи се да интервенира со амандмани, кои не влегоа во процедура.

Претседателот на Советот Дејан Проданоски објаснува дека чекорите биле неопходни.

– Шест – седум месеци јавните претпријатија преку нивната асоцијација бараа од Владата субвенционирање на трошоците за струја, но не наишле на разбирање. Во прашање се доведуваше одржливоста, давањето на услугите и платите на вработените. Претпријатијата беа затекнати во многу лоша финансиска положба, да се намалува бројот на работниците, што е неможно. Згора и неможноста на локалниот буџет да го понесе товарот со субвенционирање. Мораше да се донесат вакви непопуларни мерки. Граѓаните треба да се свесни дека имаме минимални корекции. Опозицијата не ги искористи можностите да побараат корекција кај управните одбори. Претходно опозицијата беше власт и не направи ништо да ја подобрат општата финансиска кондиција во комуналните претпријатија. Свесни сме дека ќе удри по семејниот буџет на граѓаните. Но, ова е незначителен дел од буџетот, бидејќи другите животни трошоци се драстично зголемени. Нужни  беа корекциите на цените за да имаме питка вода, контејнерите да се празнат двапати дневно и да функционира градскиот превоз. Ако Владата има слух да ги врати јавните претпријатија на регулираниот пазар со цената на струја и да му даде повластена цена на енергенсите,  сигурно ќе се направи некој чекор во интерес на граѓаните. На пример, цената на водата ја утврдува регулаторната комисија врз основа на трошоците на претпријатието. Помал трошок за струја би значело можност за пониска цена на комуналните услуги. Нема да има значително намалување, но нема и вака енормно да одат цените нагоре – вели Дејан Проданоски, претседател на Советот на Општина Прилеп.

Според него, удар во работењето врз претпријатијата беше и ненајавеното зголемување на минималната плата, кое не беше предвидено и ги зголеми трошоците на јавните претпријатија.

– Ако сакаме оваа држава да функционира по системот на развиените европски земји, јавните претријатија немаат цел да заработат, но ефикасно и рационално работат како приватни фирми. Таму се внимава колку е вложено и колку се добива. А кај нас се знае колку е вложено во изминатите 4 години. Но, ќе се борам да биде поразлично. Не може во јавно претријатие за еден мандат на градоначалникот да се вработуваат административци, а да недостасуваат метачи, подигачи на смет. Одржувачи на гробишта се унапредуваат незаслужено и се прават непотребни зголемени трошоци на претријатието. Еден од условите е промена на систематизацијата која треба да биде рационална, но Министерството за информатичко општество може да ја врати. Комуналец при смената на директорот имаше 426 вработени, а сега има 386, од кои 300 се на минимална плата – смета Проданоски

Тој смета дека треба да се промени функционирањето на системот, потребен е ремонт, не на локалната власт, туку горе во Владата.

-Да функционираат јавните претријатија, треба законите да се прилагодат според фактичката состојба, да се направи функционална анализа и пак да има вработување, не за да не работат, туку да се вработи и да ја исполнуваат основната функција на претријатието – смета Проданоски.

Тој се заложува и предлага до опозицијата цената на комуналните услуги да се формираат во зависност од стапката на инфлацијата и да зависат од порастот на трошоците за живот. 

Енерго Прилеп за осветлен град

Локалната самоуправа формира ново јавно претпријатие за стопанисување со јавното осветлување со цел да не се зголемува цената  на стријата за јавното осветлување. Имено, ЈП со под 50 вработени имаат можност да користат струја со многу повластена тарифа според Законот за енергетика за градот да биде осветлен и да се заштедат 7-8 милиони денари месечно.

Loading