ДА СОЗДАДЕМЕ  ФЕСТИВАЛ НА КОЈ ЌЕ СЕ ДОАЃА СО ЗАДОВОЛСТВО

Ана Стојаноска, нов уметнички директор на МТФ „Војдан Чернодрински”

“Македонскиот театарски фестивал “Војдан Чернодрински” е причината зошто сакам театар, зошто сакав да станам театролог и зошто денес предавам на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Љубовта кон театарот, фестивалските денови, претставите на кои одам од дете, на едно место ми го даде Фестивалот. Затоа со огромно задоволство и чувство на одговорност и на градот и на фестивалот ја прифатив поканата да бидам уметнички директор на фестивалот и Претседател на Фестивалското собрание”.

Ова го изјави  театрологот д-р Ана Стојаноска, по нејзиниот избор за прв човек на МТФ “Војдан Чернодрински”.

-Од студентските денови и подоцна, како млад истражувач во Институтот за театрологија, професорот Кирил Ристоски и професорката Јелена Лужина, ме воведоа од другата страна на Фестивалот. Начинот на кој работи, како течат тие фестивалски денови и неверојатната љубов и за театарот и за фестивалот се вмрежени во мојата меморија како прекрасен период кој би сакала да го имаме и денес. Работата е сериозна и одговорна. Фестивалот треба да се насочи кон нови цели. Мојата идеја е да имаме целогодишна програма која ќе го анимира и градот и публиката и театарските уметници. Програмата ќе ја презентирам како следна активност. За сега, се заблагодарувам на поддршката од сите театарски уметници и посебно на Фестивалското собрание што ми ја укажаа честа. Го потсетувам Прилеп дека Фестивалот е создаден, затоа што Прилеп ја има најдобрата и најлојалната театарска публика. Во четиригодишниот мандат сакам да создадам фестивал според светските стандарди, да се вратиме на примарната идеја – Фестивал на домашна драма, да ги стимулирам авторите, режисерите, продуцентите, менаџерите на театрите да се посветиме на најдоброто кај нас и да го презентираме пред театарската јавност. Свесна сум дека е година на криза, пандемија, разни превирања. Знам дека театарот секогаш преживува и се прилагодува. Затоа активно да се вклучиме сите да создадеме Фестивал, на кој ќе се доаѓа со задоволство, на кој ќе се игра со сјај во очите и на кој ќе биде престиж да се учествува. Како уметнички директор ќе ги изгледам тековните продукции. Од нив ќе ја селектирам програмата. Укажувам на идејата за презентација и на домашни автори поставувани на сцените надвор. Нé чека многу, многу работа, но најважно е дека со посветеност, страст и љубов за театарот и Фестивалот може да се постигне многу – посочува за нашиот весник проф. д-р Ана Стојаноска, уметнички директор на МТФ “Војдан Чернодрински”.

Loading