ВЕЧНА ТЕМА – ЧЛЕНОТ

Не сме можеле да претпоставиме дека членот, односно одбегнувањето на неговата употреба, ќе ни биде најчеста тема. Којзнае колкупати сме рекле (и не само ние) дека членот е еден од најкарактеристичните белези на нашиот јазик. Член има и во многу јазици. Од словенските јазици најзастапен е во бугарскиот и во македонскиот јазик. Во македонскиот најмногу. Во македонскиот јазик имаме тровиден член. Ќе ја земеме за пример именката “дрво”. Имаме дрвово, дрвото, дрвоно. Значи, дрвово што е кај мене, дрвото што е кај тебе и дрвоно што е кај него. Во бугарскиот јазик (зборуваме за литературните јазици) не е така. Од именката “дрво”, таму постои – “дрвото”, другите два члена ги нема. Каква е и зошто е сега кај нас оваа појава да се избегнува членот? Се разбира, тоа доаѓа од Скопје. Скопјани, на пример, не би рекле – “Колку е саатот”, туку велат “Колку е саат”. Медиумите се моќен фактор за збогатување на јазикот, но и за деформирање. Бидејќи најмоќните медиуми се во Скопје (ТВ, печатот), редовно слушаме и читаме недоследности јазични, карактеристични за скопскиот говор. И тоа се пренесува секаде. Премала е грижата за јазикот во медиумите.

И еве ги сега тие недоследности. Пред да почне седницата на Собранието, читаме на екранот, со крупни букви: “Седница на Собрание на Република Северна Македонија”. Зошто именката СОБРАНИЕ не е членувана? Таа е определена именка, се знае за кое Собрание се однесува, тоа е нашето Собрание.

Во една друга ситуација се најавува директен пренос од седница на Владата. Читаме: “Во живо од Влада”. Така “во живо”, тој буквален и погрешен превод од српскиот јазик, стана редовна појава. Србите велат и пишуваат “уживо”, како еден збор. Ние го преведуваме, божем го помакедончуваме и велиме “во живо”. Кај нас со предлогот “во” не се развил таков прилог  “воживо”, како во српскиот “уживо”. Во нашиот јазик се создал друг сличен прилог со предлогот “на”. На пример, кај нас се вели – “Ако го фатам, ќе го дерам наживо”. Поретки се такви примери, но ги има. Немаме потреба да го земаме и да го преведуваме српски прилог “уживо”. Особено, не да го преведуваме погрешно. УЖИВО не значи исто што и нашето ВО ЖИВО. Зошто да не биде: “Директно од Владата” или евентуално “Живо од Владата”? Може и “Пренос од Владата”. Значи не е снимка, туку се пренесува директно.

Почнавме за членот. Еве и овде: “Во живо од Влада”. Прилошката форма “во живо” ја прокоментиравме. Зошто именката ВЛАДА не е членувана? Ќе гледаме седница на Владата, на нашата Влада.

Постојат случаи кога е можно општите именки да не се членуваат. Извршена е определена персонификација. На некои предмети им се дава човечко својство, како да се дел од семејството. Си спомнуваме на едно време кога едно младо момче од соседите почна да оди на корзо. Се прибираше дома малку подоцна. Портата им беше малку подалеку од куќата. Момчето викаше: “Да ја затворам порта”? Тоа е типичен пример кога, ете, тој предмет – порта , како да станал дел од семејството. Затоа момчето прашува дали да ја затворам порта (нечленувано).

Ќе приведеме уште еден пример. Своевремено во Прилеп немаше водовод. Луѓето си лееја од малските чешми. Кога се постави водоводот, обично, сите внесуваа вода во дворот, а не дома. Тоа беше голема придобивка. Бевме сведок на еден ваков случај. Едно детенце, се мие раце на чешмата и заборава да ја затвори. Мајка му вели: “Коце, затвори ја чешма”. Значи, не чешмата, туку чешма. Еве и во тој случај чешмата се персонифицира како да е член на семејството.

Со Собранието и со Владата не е така. Во односните случаи неопходно е да бидат членувани. Како што е “Здружение на пензионерите” ( не пензионери) , “Клуб на пратениците” (не пратеници), “Друштво на писателите” (не писатели) и многу, многу такви и на многу места. Еве и еден сличен случај. Во лекарски документ пишува: “Потпис на лекар”, наместо “Потпис на лекарот”.

Негрижа, тотална негрижа за јазикот.

Ама ништо! Тој ни е загарантиран.

Loading