ПРОРОКОТ „СВ. ИЛИЈА“  СИ ДОЈДЕ ЛИ ДОМА..?!

Манастирот кај селото Браилово

“Никнал” на ритче и возвишено бдее над селото Браилово и околината. Манастирот Св. Пророк Илија се обновувал со години. Од ритчето се гледа низината како тепсија. Човек просто може да проникне во боженствениот бескрај и слобода. Плени природниот амбиент, разубавен со даб, орев, багрем, бор, див брест, црница… Манастирската градба како да ги подава “рацете” кон небото кое блеска како стакло.

Едноставна црква, со скромни по вредност икони од 60-тите години. Светите души ја кажуваат својата тајна. Вредните икони биле заштитени. “Облева” спокојство и дворот Божји. Недопрена убавина. Човек може да избега од плитките мечтаења преку молитва и покајание.

Се верува дека богољубиви претци сониле да создадат манастирска “пазува”, во катче, со кула, со камбанарија крај гробот на непознатиот монах или свештеник. Конаците се издолжиле како “воз”, трпезарија и со повеќе соби и кревети. Луѓето одвојуваат малку време за одржување. Некои сметаат дека и градските браиловци треба да помагаат за одржување, да не се “запусти” граденото.

На Св. Илија и на денот кога е осветен, многу верници и љубопитници се дел од богослужбата.

– Беше слава на манастирот Св. Илија. Вечерта силна секавица “секна” и го “расцепи” и осветли небото. Удри право во крстот на покривот од црквата и вратата од црквата сама се отвори. Луѓето зачудени и исплашено рекоа: “Св. Илија дојде дома”. Не сме сигурни што точно се случи – се сеќава сведок на настанот.

Жедно се впива мистичниот духовен здив, вткаен на ридот, на кој не случајно се “истегнал” манастирот и се вплеткала Божја енергија. Манастирот доби ново руво силно да се слави Бог.

Во Браилово живеат дваесетина семејства кои егзистираат од  земјоделство и сточарство.

Loading