ПРОМИВАЊЕ ПАРИ

Посебна приказна се рекламите што ги слушаме по нашиве ТВ. Јазичен ужас! Зар никој не го контролира тоа? Некогаш се јавивме во некоја ТВ куќа токму за овој проблем. Ни беше речено дека рекламите не ги лекторираат, ги емитуваат какви што ќе ги добијат. Чудно е, но така е. А што не слушаме! Сега имало најнова правошмукалка. И реклами за неа. Во меѓувреме, многу луѓе правошмукалката ја викаат “усисивач”, особено во Скопје. Им звучи модерно. За новава се изнаслушавме разни пофалби и разни јазични грешки. Прашината била голем проблем, но со оваа машина тој се решавал. Именката МАШИНА сите ја изговараат со погрешен акцент, на вториот слог одназад. Во рекламата слушнавме ваква реченица: “Како, еднаш засекогаш да се решиме од таа прашина”? Погрешен е редоследот на зборовите, а изразот “да се решиме” е сосема несоодветен. Во српскиот јазик изразот “решити се од нешта или од нечега” значи да се ослободиш од нешто. Да се спасиш од нешто непријатно. Кај нас не оди така. Како можеме да се решиме од прашината? Можеме да се ослободиме, а не да се решиме. Конструкцијата погрешна. Во прашалните реченици, по прашалниот збор доаѓа глаголот. Значи: “Како да се ослободиме од таа прашина, еднаш засекогаш”? Така треба да гласи реченицата.

Редовно се врти и една друга, многу лоша реклама. Се рекламира кафето Браво. Ако се пиело такво кафе, тоа било “уживање право”. А можело и да се добие награда од “пола милион”. Треба да гласи – уживање “вистинско”, а не “право”. Водени од желбата да има некаква рима па испомешале се. Во нашиот јазик зборот “пола” значи нешто друго. Вратата може да биде од 2 поли, прозорецот исто така. Палтото исто така има 2 поли, како и секоја горна облека. Може да се рече “Во полите на планината”. Под влијание (редовно) од српскиот јазик слушаме – пола кило, наместо половина кило, наместо наполу слушаме напола. Сме чуле дури и искажување дека пола нива ја насадиле тутун, а пола ја насеале јачмен. Значи: Не ПОЛА, туку ПОЛОВИНА. Можни се и скратени изрази – кило и пол, литар и пол и слично.

Во една дебатна емисија на една од нашиве национални ТВ, водителката се обраќа на соговорничката: “Вие преку сета своја кариера се бавите со таа проблематика”. Ч есто го слушаме глаголот “се бавите”, погрешно употребен! Ако се бави некој, значи дека бавно ги завршува работите, работи бавно, се бави. Ѓоспоѓата за време на својата кариера се ЗАНИМАВА со таа проблематика, а не се БАВИ.

Не слушнавме точно за каде стануваше збор но прочитавме на екранот: “Треба да се вработат келнери, собари и садопери”. САДОПЕРИ! И овде некој се погрижил да биде зборот “македонски”. На српски тој гласи СУДОПЕРИ, а ние го исфрламе “У”, ставаме “А” и добиваме збор за кој мислиме дека е македонски. А што работи тој “садоперот”? Пере садови, нели? Не! Тој МИЕ садови. Кај нас тенџерињата, чиниите, лажиците и друго, се МИЈАТ, а не се ПЕРАТ. Се перат само алишта. Зошто тие луѓе што ги мијат садовите да не бидат САДОМИЈАЧИ, туку САДОПЕРИ? Масовна и незапирлива е употребата на тој глагол при миењето на колите. Сите ги перат колите, а не ги мијат. Откако станавме демократско општество често слушаме дека некои луѓе или некои фирми, перат пари. Се разбира, не станува збор за тоа дека парите ќе бидат почисти со перењето. Не, напротив, тоа се валкани пари. Но, настрана тоа! Се прашаме зошто и тоа го преземаме од српскиот јазик. Незаменливиот Благоја Корубин, уште многу одамна предлагаше тоа да биде ПРОМИВАЊЕ, а не ПЕРЕЊЕ. Не се проби тој збор. Тука ни е српскиот јазик. Што ни треба, ќе си земеме. Ќе переме коли, ќе переме пари! Ако продолжиме вака, ни езеро ни море нема да може да не измие.                                                                                                                                      

Loading