ПОБЕДА ГОСТУВА ВО СЕВЕРНА ИРСКА

Фудбал: Младинци

По долги 15 години, кога беше учеството во квалификациите од сениорската Лига на шампионите со естонската Левадија, Фудбалскиот клуб Победа пак е на европската сцена, овојпат преку својата младинска екипа, шампионот на Македонија. Веќе в среда, 21 септември, е гостувањето кај Колерајн во Северна Ирска, во 1. рунда од Младинската лига на УЕФА.

– Имавме долготрајни подготовки низ тренинзи и осум пријателски натпревари. Задоволни сме од сработеното со цел екипата да биде на потребното ниво на физички, психички и тактички план. Патуваме тројца тренери и 17 играчи, меѓу кои највозрасни, родени 2003 година се тројца, колку што дозволува УЕФА – вели Кирил Овезоски, координатор на Младинската школа.

Во ова време на Интернет, секако дека не е непознато името на Колерајн во Македонија, како на Победа во Северна Ирска. Меѓутоа, за некои подробности не може да стане збор. Особено кога се среќаваат младински екипи кои првпат се на европската сцена, дебитанти. Затоа веднаш по ждрепката почна потрагата по информации, тие за нас – ние за нив.

– Според анализите од снимките, впечаток е дека тие не играат баш островски. Претходно имале стручњаци од Холандија и повеќе играат европски со многу тактика отколку островски фудбал, поедноставен со долги топки. Како и да е, желбата е достоинствено да ги претставиме градов и државата – истакнува Овезоски.

Натпреварот в среда е од 20,30 часот, затоа тренингот на Победа е претходниот ден во истото време за адаптација под рефлекторите.

Loading