МЕЧТИ ЗА СПОКОЈ ПОД СААТОТ

Илија Талески – Палислама – четири децении на петтиот континент

-Среќата е во својата земја

И во пензионерските денови на прилепскиот 71 годишен поранешен адвокат Илија Талески – Палислама, силно бувта огнот на носталгијата за родниот Прилеп. По 40 години низ австралиската јабана, во Мелбурн, кожа не го држи за родната грутка. Тагува со солзи во очите за пријателите, другарите, за градот на својата младост, за сокачињата, кои станале модерни улици, за аромата на тутунот, која пријатно го опива. Иако челадта му е далеку од срцето, Палислама сонува третото доба да го ужива во реновираната куќа в центар. Како неизгаснет пламен му гори желбата за Прилеп. Затоа, кога ќе дојде, останува по неколку месеци. Во Прилеп му цвета. Но, како му се ближи денот да одлета од родното гнездо, душата му се цепи за муабет со своите стари пријатели низ старата чаршија, да брка ќеф, како во младоста.

– Немав потреба да заминам за Австралија во 1988 година. Бев адвокат, но вујко ми ме кандиса, оти во Прилеп опадна адвокатурата. Едвај се навикнав. Туѓа земја, туѓи навики, а овде гледан, еден на мајка, гален. Западот е немилосрден. Најдов државна служба како болничар. Нормално, со претходна обука од шест месеци. Убавата социјално држава со многу привилегии зад себе крие кошмари за дојденците – ги пренесува Талески првите моменти од стапнувањето на австралиското тло.

Не ја згаснал професијата, адвокатурата. Три години учел да ги совлада австралиските закони.

– Плаќав и работев две години во фирма на нашинец од Егејска Македонија. Се префрлив во врховниот суд. Работев како поддршка на адвокатот, кој ги собира доказите, повикува сведоци… Адвокат не бев. Треба да си таму роден. Работев за Македонците со помали спорови медијаторство – објаснува Талески.

Седи подолго кога иди во Прилеп.

-Колку и да е Мелбурн привлечен, сепак  пејзажот на Селечка, е најубав. Козјак се душата и срцето на човекот кој се родил во Македонија. Тука ми се спомените на младоста. Уживам во чукањето на градскиот саат. Градов ептен ме бендисува. Подотеран е, личен и урбан. Ме расположува. Убеден сум дека ќе дојдат подобри денови – кажува Палислама. 

Носталгијата не го пушта од прангите. Не решил дали домаќе ги минува пензионерките денови. Се токми засекогаш да ја напушти Австралија. Не се гасни мислата за домашната топлина, за зраците на своето сонце, сонцето што изгрева од зад Селечка. Ја дотерува куќата, ги враќаат прачките во прилепското седело, додека двете ќерки  останувата на другата страна на светот. Но, со длабока прилепска трага со здрави дебели корени, кои никогаш нема да се откорнат.

Џезот му е духовна храна

Свирењето на клавијатури му е пасија. Отсекогаш бил страстен заљубеник во музиката. Особено во џезот.

– Тоа и ќе ми остане додека претам. Ме релаксира, ме ослободува, ме полни со емоции – кажува Палислама.