КАМЕНИТЕ МОМИ ОД ЧЕПИГОВО

Според легендата, била некоја лична мома, Малинка, во селото Чепигово. Во сите села околу, немало поубава девојка. Стројна, белолика, со крупни црни очи, како јадрени зрна грозје, со долга врена коса, како крило гавраново. Момчињата тајно воздивнувале. Ја сонувале во немирните младешки ноќи, се фаќале во оро до неа, но таа на никого не му давала надеж. Била една на мајка и на татко. Ја имале како солза на дланка. Еден ден, чекајќи ги овците кај чепиговското блато, зажеднела и тргнала да се напие вода од изворчето под ридот. Тргнала, и веќе не се вратила. Три дена пробдеале момчињата по блатиштето, три дена очи исплакале родителите, три дена тага тагувало целото село по убавата Малинка, а четвртиот ден таа самата се вратила дома.

И кажала. Кога се наведнала над изворот, почувствувала дека почнува да тоне во ровката земја. Се обидела да се спаси, но попусто. Земјата како да се отворила под неа и пропаднала во мермерна одаја, раскошно украсена, полна со сребро и злато, и други бесцености… Не смеела да каже како се спасила. Останало тајна…

Така вели легендата што се врти од колено на колено. Така, или во некоја друга варијанта, но долу во земјата во чепиговското блатиште, се наоѓа големо богатство. Со години, легендата ја скокотка фантазијата на селаните. Никој не се обидел да испита што е приказна.

Неколку години по Првата светска војна тогашниот претседател на Тополчани се заинтересирал.

-Можеби е сето тоа измислица, рекол тој, празна измислица на селаните во долгите зимски ноќи, кога нема што да работат, освен да кажуваат приказни.

Но, можеби и има нешто.

Бидејќи бил човек од акција, не се задржал само на претпоставки, туку платил неколку работници да го прекопаат блатиштето кај ридот чепиговски. Работниците копале, претседателот раководел како знаел и умеел. Селаните понекогаш се собирале од далеку да видат што станува, не верувајќи дека ,,тајната ќе им се каже,, на оние, што сакаат да ја откријат.

За резултатите на ископувањата никој не умее да каже. Освен за тоа дека претседателот пронашол некои предмети, што ги продал во Белград за многу пари. Се верува дека ископал две статуи, две камени убавици од чист, бел мермер, и дека тие потоа долго го краселе неговиот двор.

Минувале години, времињата се менувале, и камените убавици исчезнале од дворот на претседателот, кој веќе одамна и не бил повеќе претседател.

Кој ги зел, каде се тие? Каква вредност имаат?

И за тоа никој не знае ништо да рече. Се претполага само дека некој ги закопал да ги зачува некаде кај Тополчани. Постарите селани велат дека таму, каде што некогаш се копало, во блатиштето, имало црква. Можело да се видат скали, контури на ѕидови кога водата ќе се разбистрела. Велат дека со своите очи тоа го виделе. Денес таму нема ништо. Блатиштата се исушени и земјата е  изорана. Таму се ниви.

Би било интересно да се утврди што е вистина од приказната, а што не. Да се дознае каде се двете камени убавици?

Бакарно Гумно е богатство под земја

Локалитетот Бакарно Гумно се наоѓа кај природната висока тумба кај селото Чепигово. Под тумбата тече реката Блато. Таму има и извор за вода. Во близина е Црна Река. Културниот слој е дебел повеќе од три метри. Населбата е четирипати уништена од пожар и подигнувана на истото место. Затоа се разликуваат четири фази на развој.

Керамиката во Бакарно Гумно е застапена со груб и поубав релјеф. Од садовите најмногу ги има чиниите во повеќе варијанти. Од пластиката застапени се статуетки што седат. Најдени се и земјени цедила, коскени шила и кремени артефакти. Бакарно Гумно 2 го сочинува третиот хоризонт на настанување. Куќите се четвртасти и надземни. Се појавуваат и пехари на висока нога. Најмладата фаза на Бакарно Гумно 3 има керамика со карактеристични чинии со здебелен раб и садови со една или две дршки над работ.

Материјалот е единствен низ првите три фази. Постои континуитет, развој до раната бронзена епоха. За праисторискиот период на Пелагонија значајно е Бакарно Гумно.

Loading