АРТЕФАКТ ОД ВРБЈАНСКА ЧУКА ВО САД И КАНАДА

Првпат ќе бидат изложени македонски археолошки предмети во Северна Америка, а меѓу нив и артефактот жртвеник од локалитетот Врбјанска чука. Изложбата  насловена,”Првите кралеви на Европа”,ќе се одвива од 2022 до 2024 година со турнеја низ САД и Канада. Ќе бидат претставени повеќе предмети од неолитот, енеолитот и железното време, пронајдени кај Шуплевец и Милци. Ќе се претстават врвни уметнички достигнувања во доменот на социјалните и религиските форми карактеристични за разни етапи на предисторијата.

Артефактот од нашиот Музеј е помал култен жртвеник од типот “масичка”,  изработен од печена земја, на четири скалесто профилирани нозе, кои од внатрешната страна се полукружно скалесто профилирани. Во неговиот горен дел се наоѓа плиток реципиент со кружен отвор во средината.

-Жртвеникот е пронајден во 1981 година на Врбјанска чука. Со анализите, населбата на локалитетот егзистирала меѓу 6000 и 5700 години п.н.е, во раното неолитското време. Жртвеникот бил култен предмет со конкретна симболичка функција. Тој зборува за високо развиен духовен живот на просторот на Врбјанска чука – вели Горан Цветкоски, директор на Музејот.

-Изложбата е резултат на  соработката на Филдовиот музеј од Чикаго со Завод и музеј – Битола, Завод и музеј – Прилеп и Музејот на Гевгелија. Направена е селекција на предметите, кои заедно со уште стотици од 23 балкански музеи, ќе го прикажат постепениот општествен развој на предисториските заедници, кои од егалитарните племенски организации во неолитот постепено се трансформираат во првите европски кралства во железното време на Балканот – вели национален координатор Гоце Наумов.

Изложбата ја организира Филдовиот музеј од Чикаго како турнеја која ќе ги претстави македонските и балканските археолошки предмети во музеите во Њу Јорк, Чикаго и Отава од 2022 до 2024 година. Изложбената турнеја почнува од 21 септември во Институтот за древни студии во Њујорк, продолжува во Чикаго во 2023 година и во Историскиот музеј на Канада во Отава во 2024 година. Изложбата е проследена со зборник, уреден од авторите Атила Гјуча и Вилиам Паркинсон.

Досега најголемата изложба на балканската предисторија во светот ќе овозможи запознавање на најрепрезентативните артефакти од неолитот, енеолитот, бронзеното и железното време на Балканот. Се очекува да ја видат околу еден милион посетители.

Loading