АЈВАРОТ КАКО КАВИЈАР

Навиките и домаќинлакот на есен да се тура грозје за вино, да се складира француска половинка од прасе, да се стави во визба една канта овчо мариовско сирење и да се наполнат дваесетина тегли со ајвар, по сé изглед постепено ќе се заборат. Изгор цените на намирниците одвикнуваат од традицијата, негувана со децении и пренесувана од дедо, прадедо. Којзнае, можеби и расолот ќе биде скап да се завитка, па и посна сарма в зима.

Последните цени на пиперките и маслото за јадење ќе предизвикаат ретчење на оваа традиционална зимска храна од прилепските трпези. Ајварот станува луксуз, небаре кавијар. Ако пиперките се продаваат по 50 денари за килограм, а цената на маслото расте и веќе е околу 140 денари за литар, не вклучувајќи ги дрвата за пржење на ајаварот, тогаш теглата ќе мине 400 денари, не вклучувајќи ја макотрпната подготовка на печење и лупење, па и пржење најмалку два дена од неколкумина од семејството.

Не е страшно само ако трпезата е посиромашна од ајвар и дали тој ќе се замени со поевтина туршија. Косата на главата се крева од најавата за раст на цените на лебот, на шеќерот, брашното, детергентите, струјата и огревните дрвја.

Сé повеќе семејства со релативно стабилни буџети ги следи неизвесност дали воопшто ќе опстанат фирмите зимава или ќе ги отпуштат, поради, пред сé, скапата струја и високите цени на горивата. Се стега јамката околу вратот на граѓаните, додека државата најавува нова даночна реформа од Нова година, која извесно е дека ќе го погоди секого, но ќе ги дотолчи уште повеќе граѓаните со пониски приходи.

На Запад препорачувале покусо секојдневно туширање за одржување на хигиената, намалување на температурата за греење на 20 степени. Со сегашните цени на струјата, и таа ако ја има, прилепчани ќе се капат само во сабота како некогаш. Или да се искапат, ќе топлат вода во лонци и тенџериња на пампурите. Можеби ќе се отвори некој нов амам како урнатиот од пред половина век за масовно одржување на чистотата и заштитата од заразни болести. Како што тргнало, не е исклучено дома в зима да си одат само добро ситуираните кои ќе обезбедат скапи дрва за огрев, а другите да се прибираат во сали и хали, стоплени со државни пари и скапи енергенси. За фермелињата и за кебињата и да не зборуваме. Ќе се побараат дури и јамболиите од каселите и долапите, ако не ги изгризале молците незаштитени со тос. Можеби ќе се одземат пилите и секирите да не се сечат липити по булеварот или дрвата по парковите да се обезбеди малку топлина. Сите ќе си дуваат в раце. Не ќе се знае како ќе се ослободат стаклата од замаглување поради температурните разлики. Пердињата на пенџерињата нема да се гледаат од зимскиот декор на замрзнатите стакла во камен, нестоплените домови. За масакрот по зеленилото во околината, па и на овошните стебала, и да не се прави муабет. Загадувањето од греењето со пластични шишиња, туби, картони и други запаливи предмети ќе стане нормално. Имаше еден случај овде во Прилеп на малку нездрави луѓе кои го исцепиле намештајот да се загреат во зима. Овој беше еден, дај Боже да е поледен и да не стане масовен. Па, ако и природата ни го сврти грбот, да фати некоја магла, па смогот од оџаците да падне долу, ќе исцркаме како глувци од сопствената потрага по топлина.

Ова е можеби едно песимистичко гледање на идната зима. Нормално е да се надеваме дека зимава ќе се протурка некако без глад и со топлина.

Loading