ВЕЛИЧЕСТВО, НЕ ВЕЛИЧЕНСТВО

Постои на Радио Скопје емисија за јазикот. За правилната употреба. Убаво. И потребно. Би можело да биде повеќе укажувано на секојдневните грешки, но добро е и вака, зашто во ниеден друг медиум нема ниту збор за правилното зборување.

Одамна размислуваме за погрешната употреба на некои придавки кои редовно ги слушаме. Во скопскиот жаргон се вели – волку, волкав, волкаво и слично. Го слушаме тоа и од многу новинари, се разбира, скопјани. Во емисијата за јазикот на Радио Скопје беа набележани овие грешки и беше укажано како треба да гласат – олку, олкав, олкаво, така треба. Тоа е правилното. Слушнавме во емсијата и за една друга, речиси редовна грешка. Сме пишувале и порано, но изгледа нема полза од тоа, а и од укажувањето во емисијата на Радио Скопје. Зборот е за именката “воспитувач” и во женски род “воспитувачка”. Редовно слушаме “воспитач” и “воспитачка”. Грешки од овој вид има многу и редовно. Во емисијата за јазикот најдовме и некоја мана. Емисијата носи наслов – “Зборуваме македонски”. Грешките во синтаксата се понезабележливи. Дури и голем број луѓе сметаат дека тоа и не се грешки. Не е така. Синтаксата е еден од основните белези на секој јазик. Во емисијата се читаше некаков текст од кој успеавме да забележиме една реченица која гласи: “Како точно гласеше името на книгата”? Многупати сме се изјаснувале. Во прашалните реченици, веднаш по прашалниот збор доаѓа глаголот. Реченицата треба да гласи: “Како гласеше точно името на книгата”? Ќе рече некој дека е тоа ситница. Не е така. Особено ако се случи во ваква емисија која носи наслов “Зборуваме македонски”. Забележавме и една друга неправилна реченица: “Не се откажувајте”, наместо “Не откажувајте се”. Вакви реченици, со ваков строеж, слушаме редовно на нашиве медиуми. Тоа е карактеристично за скопскиот говор и, за жал, тоа се пренесува насекаде. Наместо – “Не возбудувај се”, редовно слушаме – “Не се возбудувај”. Има многу примери но тоа станува особено проблематично кога се во прашање глаголи од групата “и”. Еве пример: “Не се плаши од волкот”! И што разбираме сега? Дали му се сугерира некому да не се плаши или се потврдува дека некој се плаши. Ако се рече: “Не плаши се од волкот”, станува јасно дека му се вели на некого да не се плаши. Еве друг пример. Остра полемика меѓу двајца политичари. Едниот вели: “Не се кити со туѓи пердуви”. Всушност, смислата е, сака да му се каже на соговорникот: “Не кити се со туѓи пердуви”. Грешките од овој вид земаат голем, преголем замав. Редовно ги слушаме.

Постои една редовна аномалија која ја читаме и ја слушаме. Слушаме: мој термин, мој ДДВ, мој Тинекс, и којзнае уште колку такви. Сиве овие заменки неопходно е да бидат членувани – мојот термин, мојот ДДВ, мојот Тинекс.

Грешки од секаков вид. Во одредено списание сретнавме напис за извесна актерка. Прочитавме дека актерката се прославила со серијата “Величенстевниот” . Грешката ја слушаме повеќепати и при рекламирањето на серијата. Неверојатно. Зошто се прави ваква грешка. Зошто се вели ВЕЛИЧЕНСТВЕНИОТ? Именката гласи ВЕЛИЧЕСТВО, па според тоа придавката ќе биде ВЕЛИЧЕСТВЕНИОТ. Зошто, кој и од каде ја измислува и ја додава буквата “н”. Зошто од ВЕЛИЧЕСТВО се создава ВЕЛИЧЕНСТВО. Величествен е оној кој предизвикува восхит, прекрасен е, чудесен, раскошен. При обраќање, со присвојна заменка, спрема крал или кралица – ваше ВЕЛИЧЕСТВО. Неговото ВЕЛИЧЕСТВО кралот. Позната именка и мошне позната придавка. Од каде излезе да се вели ВЕЛИЧЕНСТВЕН?!

Уште нешто за крај. Во извесна ТВ емисија извесен господин објаснува нешто за некој предмет што прилегал на топка. Вели дека имал “топкаста” форма. И ова е една од редовните грешки. Во нашиот јазик наставката е “ест”, а не “аст”. ТОПКЕСТ, а не ТОПКАСТ. Во конкретниов случај ќе се каже дека предметот имал ТОПКЕСТА форма.

Loading