“СТАРАТА”- НОВ РОМАН ОД БОЖАНА ТРЕНЧЕСКА

Последен прозен изблик на писателката Божана Тренческа е романот “Старата”, животна приказна за Најдовци, со различни ликови.

Роман е огледало на љубовта, повеќеслојна сторија која нуди собирање ѕвездена прашина, сроната од ѕвезди водилки, по асталските чаршафи, по собите за дневен престој, на кафе пиење, на мекици јадење. Сторијата нуди пиење по небесното синило во Дорјан, крај езерото кое плиска спокој, одмор, но и лек, шетба по макадомотното пријателство, по патот нем сведок на Добре Најдоски да направи добро дело. Сторија полна со љубов.

Според рецензентот Сузана Ѓорѓиевска, романот нуди грст слики.

-Романот е можност да се излезе од прилепските сокаци, ниви, еснафи, и пазари, да се влезе во скопските, да се потпре на грбот на многулетно стебло на една од дојранските плажи, да се доживее летен дожд на брегот на лечебното езеро, да се танцува во ресторан со жива музика во кампот Ачикот и при тоа да се сфати дека речта е силна и дека вреди вдомена во едно женско перо кое суптилно и леко се збогува – вели Ѓорѓиевска.

Божана Тренческа е пензионер и член на Клубот на литературни творци  Прилеп. Автор е  на романите Албумот со спомени, Наум и синовите и Бојана на Тодор, на стихозбирката Поетот и зборовите и книгата, Раскази за сечија душа. Општината Прилеп í ја додели наградата 3-ти Ноември.

Loading