ИАКО ГО ПРОШЕТА ЦЕЛ СВЕТ, НИНА БЕШЕ СКРОМНА

Димко Спиркоски – Шинде, братот на Нина Спирова

По написот од хрватскиот портал Новости, за тоа каков бил животниот пат на пејачката Нина Спирова, која пред две години се упокои во туристичкото селце Коштуниќи, во близина на Горњи Милановац во Србија, Зенит ја продолжува сторијата за талентираната естрадна уметница, која многу малку живеела во Прилеп, преку раскажувањето на нејзиниот брат Димко Спиркоски – Шинде.

Тој пак, се најде на страниците на нашиот неделник само пред три броеви, но тогаш во улога на ветеран во едриличарството.

Нашиот соговорник, односно братот на прилепчанката, која, иако постхумно се закити со највисокото општинско признание, за неделникот откри детали за нејзиниот скромен живот. Иако го прошетала светот, била мирна и повлечена. Имала неколку мажи во нејзиниот живот, но никогаш не се омажила. Нејзиниот гроб се наоѓа во Коштуниќи, местото каде бил роден и поранешниот српски претседател Коштуница. Братот Димко најавува дека ќе го донесе и нејзиното пијано да биде во Роднокрајното музичко катче во прилепскиот музеј.

Нина, Димко и Милка потекнуваат од познатото прилепско музичко семејство Шиндевци, од таткото Кирил и мајката Љубица, која имала хрватско потекло. Дарбата за музиката наследена од родителите. Генот бил застапен во сите деца, најмногу во жилите од Нина, со уметничкото презиме Спирова. Остана запаметена по кадифениот глас и наградената песна Еден бакнеж на фестивал во Опатија во 1962 г. за која добила прва награда.  Признава дека имал строга мајка, која го практикувала воспитувањето со жешки шлаканици до полнолетството на децата. Нина Спирова е родена 1938 г. По завршувањето на  основното училиште, заврши средно музичко во Скопје.

– На 16 години свиреше клавир и соло пеење. Се запознала со најпознатите македонски автори, композитори и музички аранжери, меѓу кои Драган Ѓаконовски – Шпато, Љубомир Бранѓолица, Димитар Масевски. Требаше да биде оперска пејачка, но почна да пее забавни мелодии. Како во сенка, се сеќавам на првиот фестивал во Скопје. Така почна нејзината кариера. Настапуваше на фестивали низ цела Југославија. Кон крајот на 1960 – 70 години многу пејачи одеа во Русија. И таа помина долг период. Рускиот јазик многу добро го владееше. Мислеа дека е од Моска. Имам многу разгледници од Москва, од Сибир. Долго беше таму. Потоа отиде во Германија, во Франкфурт, каде живееше десетина години. Со Вилфрид не беа во брак. Тој сакаше да се ожени. Таа не сакаше да биде наследник на туѓо богатсво. Секогаш имаше некој околу неа, иако никогаш не беше мажена. Беше горда, иако и беа потребни пари. Не сакаше да пее по свадби. Велеше јас сум уметник – објаснува Димко Спиркоски – Шинде, братот на пејачката Нина Спирова. 

Во меѓувреме, нејзината пријателка Мирјана, со која ги минала последните години од животот во Србија, ја повлекла во Америка. Таму неколку години отишол да живее и Димко.

– Работеше песни за филмовите на Волт Дизни. И јас бев, таму. Се врати и животот го мина во Коштуниќи. Во Земум ретко одеше, иако станот и беше покрај Дунав во центарот, но за неа беше загаден град. Најголемиот дел од животот го мина во Коштуниќи, крај Горни Милановац во Србија. Во Прилеп и Македонија ретко идеше, за концерти и настап на телевизија – раскажува Спиркоски.

Димко нема наследници. И Нина немала деца.

-Ниту мајка ми не сакала деца. Нити јас. Ниту Нина. Најстарата сестра, пак има три деца. Нина имаше неколку мажи во животот. Германецот најмногу ми се допадна, беше интересен. Таа го сакаше Прилеп и Македонија. Кога застаре велеше стара сум, грда сум. Не сакам да ме видат таква во родниот град. И кога разговаравме на фејсбук, не сакаше да и го гледаме лицето – вели Спиркоски.     

Градот и општината доволно се оддолжиле на Нина.

-Драго ми е што има интерес да се пишува за неа. Уметник со највисоко признание и пензија беше во Србија. Имаше добар, интересен живот. Го виде цел свет. Нема држава каде не била – вели Спиркоски.

Жали што сестра му не напишала мемоари да се знае за нејзиниот  уметнички и животен пат далеку од родниот град.

ДВЕ СЕСТРИ ОД ХРВАТСКА СЕ ЗАЉУБИЛЕ ВО ДВАЈЦА ПРИЛЕПЧАНИ

Музичката група во која настапувале татко му Киро и мајка му Љубица го викале оркестарот на Шиндевци. Прекарот Шинде не знае што значи. Турски имало сличен збор, но без конкретно значење. Дедо му се викал Димко Нано. Мајка му кога дошла во Прилеп, дошла со група девојки, меѓу кои и сестра и Ивка.

-Се запознала со татко ми Кирил и се засакала. Тетка ми Ивка, за малку ќе станела невеста за чичко ми. Дедо ми од Врбовац кој бил австриски војник и го заробиле Русите, се побунил. Мајка ми заедно со пријателките, меѓу кои и Драгица и Бети, кои исто така се омажени во Прилеп, настапувале низ Југославија, Пеќ, Нишка бања, каде прв пат мајка ми се возела на двокрилен авион. Мајка ми и татко ми живееа кафеански живот во Прилеп. Беше тешко да  се биде дете на музичка двојка. Додека тие свиреа во Кавадарци во ресторан, плачев на балконот и викав по мајка ми. Имам траума, а сестрите ми беа големи – вели Спиркоски. 

ЕДНИОТ КЛАВИР ВО ЗЕМУН – ДРУГИОТ ВО ПРИЛЕП

Димко Спиркоски – Шинде се надева дека ќе успее да го донесе клавирот од Нина во Прилеп и дека транспортните и царинските формалности ќе ги надмине со помош на институциите.

– Има многу предмети во куќата на три ката. Имаше клавир, купен во Америка. Го подаривме на музичкото училиште во Земун. Првиот клавир, купен во Скопје и на кој свиреше Нина се надевам дека ќе го донесеме во Прилеп.

Музиката останува

– Музичкиот ген продолжи кај наследниците на сестра ми Милка Пухариќ. Нејзината ќерка беше Марина, која почина пред неколку месеци, а и другата ќерка се занимава со музика. И внукот Владо е музикален. Иако мајка ми беше строга,  таа се омажи за војното лице Милан Пухариќ на 18 години. Имаа три деца. Живееа во Алексинац, па во Штип, па во Скопје. Сопругот и почина пред 20 години. Сега живее во Прилеп со моја помош – вели Шинде.

Loading