ЗАДРОГАЗ И ЗАДРИПЕТЛЕ

Постојат повеќе зборовни групи. Една од тие групи гласи – “Заменски придавки”. Тука, меѓу другите, спаѓа и зборот истиот (истата, истото, истите). Толку од граматиката. Не треба да се додева со теорија. Тоа и не мора секој да го знае. Но, луѓе интелектуалци – новинари, политичари, професори и слично, треба да ја знаат правилната употреба на тој збор. Сме се изјаснувале за ова повеќепати, но погрешната употреба е толку честа. Ете пак се навраќаме. Исто така, пречесто се употребува некаков глагол – “задира”. Време е за бранење на јазикот. Нашиот, македонскиот јазик. Го браниме сите, од обичниот граѓанин па до највисоки политички и државни челници. Да! Го браниме, но како? Ќе наведеме конкретен пример. Премиерот зборува за тој фамозен Француски предлог. Не можеме точно да цитираме, но приближно реченицата гласеше дека предлогот е добар, дека истиот не задира во нашиот идентитет и во нашиот јазик. Зборот “задира” се повтори многупати. Рековме дека “истиот” е заменска придавка. Не може да се користи како заменка. Ако треба да се каже дека за истиот предмет сме разговарале и порано, тука може да се употреби, се разбира во атрибутска функција, го дообјаснува предметот. А во горниов случај каде што се кажува дека не “задира”, треба да се рече дека “тој” не задира, а не “истиот” не задира.

Друг политичар вели: “Предлогот е лош и истиот нема да има поддршка од народот”. Еве и овде “истиот”. Треба да гласи: “Предлогот е лош и тој (не истиот) нема да има поддршка од народот”. Оваа реченица точно ја забележавме.

И сега, еве го тука и непотребниот глагол “задира”. Непотребен, а толку често употребуван. Српскиот глагол гласи “задире” и ние – ЗАДИРА. А во нашиот јазик тој збор значи дека се задева. Сме слушале деца кога ќе се здечкаат: “Не задирај се! Ај задри ме уште еднаш, па ќе видиш”! Имаме затоа задрогаз, задрипетле и други такви. За Францускиот предлог може да се каже дека НЕ ДОПИРА, НЕ НАВЛЕГУВА, НЕ ГО НАРУШУВА нашиот јазик. Во крајна линија, не мораме и не треба да го преведуваме српскиот глагол “задире”. Можеме да најдеме други зборови и изрази со кои ќе кажеме дека односниот предлог не му наштетува или му наштетува на нашиот јазик. Рековме дека за овие грешки сме зборувале и порано. Сега ни даде повод изјавата на Премиерот. Најпосле, политичарите не се експерти за јазичната проблематика. Но, нели тие, високите раководители, имаат советници од сите области. Претпоставуваме дека имаат (треба да имаат) и советници за јазикот. Јасно е дека таквиот евентуален советник не може да знае кој збор ќе го употреби Премиерот во некое слободно, директно излагање. Но, советникот сигурно ги следи сите негови излагања и може (треба) да укажува на определени недоследности. За да не се повторуваат. Вака, не е многу пријатно, токму тогаш кога го браниме јазикот, да го браниме со погрешни зборови.

Организациите на синдикатот, исто така, се актуелна тема. Слушаме од сите страни – “Сојузот на синдикати”. Барем еден да се сетеше и да речеше – “Сојузот на синдикатите”. Именката “синдикати” треба да биде членувана. Таа е определена именка. Точно знаеме за кои синдикати станува збор. И не само таа! Сите, буквално сите ТВ известија дека Ковачевски и Мицкоски имале средба очи во очи во Клубот на пратеници. Тој израз “очи во очи” сме го слушале многупати. Треба да гласи – “очи в очи”. А она другото – “Во Клубот на пратеници”, тоа е иста грешка како со синдикатите. Именката ПРАТЕНИЦИ неопходно е да биде членувана. Определена именка е тоа. Таа не објаснува некој општ поим, туку наведува точно кои се тие пратеници. Нашите пратеници. Затоа треба да биде – “Клубот на пратениците”, членувано.

Пословична е ситуацијата со испуштањето на членот. И трагична е. Членот е еден од најкарактеристичните белези на нашиот јазик. Да погледнеме во сите дневни весници или во сите списанија. Таму каде што се напишани имињата на оние кои го создаваат весникот, што ќе видиме? Шеф на редакција, директор на фотографија, секретар на редакција и многу такви. Сите тие именки – фотографија, редакција треба да бидат членувани. Тие се определени.

Loading