СОНЧЕВА СТРУЈА ОД ТОПОЛЧАНИ

Уште една фотоволтаична централа, покрај онаа кај селото Старо Лагово, ќе никне наскоро, но кај Тополчани. Инвеститори се тројца браќа од Битола, кои ги тераат процедурите во локалната самоуправа, сонцето да го претворат во струја. Станува збор за капацитет од 10 мегавати.

Дознаваме дека уште неколку фирми и поединци “токмат” документи и располагаат со спремни кредитни и сопствени финансиски средства за нови капацитети за струја од сонце. Но, бидејќи процедурите се комплицирани и инвестициите се скапи, поради растот на цените на фотоволтаичните панели, побавно оди обезбедувањето на документацијата.

Повеќе од десетина фирми во Прилеп произведуваат струја од сонце, поставувајќи сончеви колектори и соодветна придружна опрема на покривите на производствените хали. Велат дека во лето драстично ги намалуваат трошоците на сé поскапата електрична енергија, купена од македонските трговци со струја. Најавуваат нови вложувања во производството на струја  од нефосилни горива, односно од обновливи извори.           

Фотоволтаичните централи станаа мошне атрактивни и перспективни за бизнис и високи профити, кои брзо ги враќаат вложувањата со растот на цената на електричната енергија. Плус, оваа струја има третман на еколошка или зелена енергија.

Инаку, државата уште не ги комплетирала процедурите како граѓаните можат да произведуваат струја од сонце и дел од вишокот да ја продаваат на ЕВН преку инсталација на дворежимски електрични броила. Не се познати цените на продажбата на струјата на ЕВН. И експертите имаат дилеми во калкулациите за проектирање на производството на покривите од куќите на граѓаните, особено на прогнозите за количеството на струја во зима, при магла и облаци, за да се комплетира пресметката за исплатливоста на вложувањата.

Инвестицијата за еден киловат час струја од сонце чини нешто под илјада евра, не вклучувајќи ги батериите, акумулаторите, за складирање, ако вишокот не се продава.

Loading