ПОЖАРНИКАРИТЕ ДОБИЈА  НОВА ОПРЕМА

Противпожарната единица доби од Дирекцијата за заштита и спасување нова опрема за дејствување при елементарни непогоди и сообраќајни несреќи. Според Севгани Ибрахими од Дирекцијата, опремата се состои од комплетен сет за повлекување и стабилизирање при земјотреси и сообраќајни несреќи со агрегарт, пумпи за справување со поплави, црева, друга неопходна опрема за 30.000 евра. Корисна е, но пожарникарите не се обучени за ракување.

Во сезоната на опасности од пожари се апелира на одговорно однесување. Засега ситуцијата е мирна. Бројот на пожарите е помал на териториите на општините Прилеп, Долнени, Кривогаштани и Мариово каде интервенираат 35 прилепските пожарникари.

Пожарникарите се жалаат дека возилата тешко се сервисираат. Среде сезоната, поголемиот дел од 13-те возила се неисправни или полуисправни. Дури и опремата и униформите им се застарени. Недостасуваат десетина пожарникари, кои засега се дополнуваат со 7 сезонски.

Виктор Стојчески, командир на противпожарната единица, повикува на внимателност и превенција.

– Секоја опрема е добредојдена, така и оваа донација. Подготвени сме да реагираме. Располагаме со 13 возила, од кои функционални се осум, оти тешко се сервисираат. Според законот и бројноста на општината, потребни се уште 10 пожарникари. Главно се дејствува превентивно, да се спречат оние кои намерно потпалуваат при незаконското сечење и превоз на дрва – вели Стојчески.

Градоначалникот Борче Јовчески вели дека локалната самоуправа има план за набавка на опрема, а засега се ангажираат сезонски пожарникари.

– Секоја нова опрема значи многу. Со договор се ангажирани седум лица. У ште неколкумина ќе бидат во август – рече Јовчески.

Да не се  предизвикаат пожари, и тој апелира на совесно однесување во природата поради високите температури, бидејќи и мало невнимание може да предизвика пожар од големи размери.

Loading