ДУШАТА ВО МАКЕДОНИЈА – УБАВ ЖИВОТ ВО АВСТРАЛИЈА

Драган Станкоски  – пет децении на петтиот континент          

При запознавањето со Драган Станкоски, кој одморот го минува во родниот Прилеп, прво кажа дека копнее за Тризла Маало, додека живее во Мелбурн, Австралија. Животот му е убав таму, но срцето и душата му се во Македонија.

-Треба да бидам пензионер, оти сум на 74 години. Но, во Австралија нема пензионери! Чудно нели? Таму човек работи додека може, ако има куќа, стан, бизнис, било каков приход. Се троши спечаленото. Се работи додека дозволува снагата и умот. Ако не може, државата дава социјална помош – вака ги објаснува околностите на возрасните Австралијанци, без разлика на потеклото.

На книга е директор, раководител, менаџер на сосптвената фирма за сервисирање на апаратите на Самсунг. И уште работи со повеќе од 80 работници од Кореја, Виетнам, нешто Срби, и од Пакистан.

– Македонци имаше порано повеќе. Сега не им се работи. Сакаат да седат и да земаат пари, како овде, во Македонија. Сакаат да уживаат. Тоа го нема таму- вели тој.

Станкоски на 22 години ја напуштил Југославија. Првин работел во Германија во сервис за ТВ, радио и други апарати. Бил “потко”ан” со курсеви во ЕИ Ниш, па бил сервисер во Параќин и заминал за Германија. Монтирал ТВ апарати. Се усовршил и сонувал за Прилеп. Од дома му кажале дека нема работа. Со пријателство во австралиската амбасада во Салзбург успеал да замине за Австралија.

– Прилеп го “однесов” во Австралија со повеќе од педесетина семејства. Помагав на прилепчани. До годините на распаѓањето на Југославија имав забрана за враќање. Создадов фамилија. Се оженив за нашинка, од селото Ракле. Имам две ќерки и пет внуци. При срце ми е внукот Самоил, со кого сум тука и ги бараме бабините корени во селото Ракле. Љубопитен е. Сака да знае за своите предци, по мајка, односно по баба – вели Станкоски.

Во далечната земја првин бил обичен работник, додека го совладал јазикот. Потоа бил сервисер во Филипс.

– Ме бидуваше и ми даваа потешки работи. Напреднав и станав главен сервисер со повеќе работници и еден вид менаџер. Секаде патував за сервисирање. Којзнае во кои градови и далечни места сум бил. Бев сопственик на сервисот на Филипс, главен во Мелбурн. По осум години застапништво, се префрлив за сервисер на корејскиот Самсунг. Уште работам со 80 сервисери во Мелбурн. Ги сервисираме сите производи на Самсунг. Наместо да праќам двајца сервисери и да останат два дена, заминувам сам на оддалеченост од 500 километри. Со едно одење завршувам неколку работи – открива Станкоски.

Не му е мака. Сака да работам, иако е во години. чали за Прилеп, Македонија, оти не му се допаѓаат некои работи. Дури и на австралиска почва се префрлаат македонските проблемите.

– Имавме проблеми со црквите македонски, каде сум во одборотна храмот Св. Илија. На времето заеднички со овдешниве Македонци запнавме и ја купивме поранешна српска црква. Ја реновиравме и ја поправивме. Кренавме голема сала за сите црковни обреди. Се трудевме да помогнеме уште во осумдееттите години – вели Станкоски.

Се покренало акција за набавка на апарат за магнента резонанца за болницата во Прилеп. Филипс донирал пари.

-Мислевме дека апаратот што тогаш беше скап ќе биде за Прилеп, но не се разбра што се случи со него. Во македонските клубови собиравме парична и друга помош за лекарства. Што ќе побараа. Бев иницијатор за фудбалски клубот. Го крстивме Весела Македонија. И сега е активен. Се натпреварува во Австралија – ги објаснува Станкоски хуманитарните акции.

Се чуди. Не ги разбира младите овде. Нема одговор на прашањето да се нема пари, а кафетериите да се полни секој ден, да се седи и да се чека да “заврнат” пари.

– Никаде нама пари без труд, без пот. Нема долари без работа и во Австралија. Не се доларите обесени на дрвјата или засеани по парковите за да може без работа да ги собираат Македонците, прилепчаните. Имам искуство со сервисот. Нашите работници ја “прекардашуваат”. Бараа преку леб, погача. Мислеа дека Драган има и ќе им дава секој петок плата без работа. Затоа сега во сервисот најмногу се Корејци и Виетнамци, а нашите се бројат на прсти – вели  Станкоски.

“Австралијанецот” од Прилеп има забелешки за локалните власти.  

– Прилеп можеби е убав за живеење, но не е по модерен терк. Не се води доволно грижа за хигиената, чистотата. Се мие и се чисти само центарот. Уште многу треба да направат градските татковци градот да добие европски лик, да не речам познат светски тутунски град, центар – порачува иселеникот од Прилеп.

Loading