СПРУЖЕНО СЛИВЧЕ

Велат секое дрвце е благодет. Бели дробови на градот. Сенка за добронамерниците. Убавина за очи. Наспроти градежната експанзија, садењето на нови дрвца е чин кој не само што е урбан, туку е и хуман. Подигањето на нови садници не завршува само со буцнувањето на стебленцето во земја. Тоа сака грижа и љубов за растење. Од сите и од секого, во секое време. Не само од оние кои со државни пари се платени да се грижат за градското зеленило.

Жална е глетката од урнатото младо сливче во паркот до зградата на локалната самоуправа. Штотуку пркнатата фиданка, која вирее под жешкото сонце, се нашла на земјата. Бројни би биле нагаѓањата кој и зошто би го покосил младото повеќегодишно растение. Дали несовесен граѓанин пеш или со мотоцикал го турнал, дали деца во неконтролирана игра или пак болест му го исушила кореновиот систем. Не би сакале да помислиме дека спруженото дрвце е “жртва” од Пиво фестот, зашто манифестацијата се одржуваше токму на локацијата каде плодното дрво го завршило својот животен век.

За да биде најчудно и трагично, урнисаното стебленце во паркот, е буквално под пенџерето на градските власти. На јавно прометна површина на која минуваат стотици минувачи.

Зарем секое дрво не е влог во иднината? А секое струполено, доказ за негрижата во минатото и срам за секого.

Loading