ПИСУЛЧЕ, НАМЕСТО ОНЛАЈН ОГЛАС

Во налетот на информатичката технологија кога животот ни се сведува на онлајн делување, сеуште има прилепчани кои се определуваат за класичниот начин на комуникација. Па така наместо оглас на социјалните мрежи, во групите и сајтовите за продажба, меѓудругото прилепчанец своите стари керамиди сака да ги продаде на улица, на лице местото.

Педантно наредени покрај оградата од куќата, ги стокмил старите искористени керамички покривни плочки во изминатите децении го штителе неговиот имот од невреме, дожд, снег, па и од жештината од летното сонце кое некогаш не знае да си оди од прилепското небо со недели. Наредени под конец. Потпрени од страна. Вложен голем труд.

Нашло семејството мунасип дека искористените керамиди може да имаат уште употребна вредност, па решиле не да ги подарат, туку продадат.

Скромно, на обичен лист хартија, со налив, како што милуваат да го наречат старите граѓани, напишал дека се продаваат. Нема ни меил, ниту Фб профил, ниту телефонски број на огласното ливче. Не навлегуваме во правописот на напишаното. Туку, продавачот се надева дека доколку некој е заинтересиран, едноставно ќе поѕвони на врата или ќе тропне на портата пред чии ќепенци се истопорени. Ќе падне лаф муабет, па и пазар. “Огласот” ќе биде објавен додека не дувне посилен ветер и не го однесе ливчето закачено на жица. Или не заврне дожд. Времетраење во зависност од временските прилики. 

Нели нема поубава понуда, од онаа јавно претставување на стоката. Да се види, пофати и разгледа.

Народот рекол, за секоја стока им амуштерија, па така најверојатно ќе се најде и за овој куп купувач и ќе се сторат два себапи. Ќе се оттараси тој на кому нему требаат, а некому пак ќе му збркаат работа.

Аирлија пазарот!

Loading