КИНИСА БЕРБАТА НА ТУТУНОТ

Прилепските тутунопризводители ја почнаа бербата на годинешниот род. Околу два месеци, секое утро, тутунарите со берачи ќе ги собираат зелените листови еден по еден, ќе ги нижат, ќе ги сушат на скелиња, за некаде по Нова година, да ги почувствуваат плодовите од нивниот шестмесечен труд со предавање во откупните пунктови.

Бербата е една од најтешките операции во производството, затоа што се работи, такаречи ноќе, во мугрите, пред да зазори денот, понекаде дури и со батериски ламби поставени на главите на берачите. Искуството во берењето е важно. Од тоа зависи дали се откинуваат зрели, а не зелени листови од стеблото. Брзината не е рутина, туку вештина која се создава со илјадници откинати листови, додека туткал се лепи на прстите, отежнувајќи ја работата, а сонот навасува, туркајќи ги клепките на очите. Можеби мало олеснување е нижењето со машина, а не како некогаш здодевното бодење на листовите на игла.      

Последниве години паѓа бројот на тутунарите кои работат мали површини, а расте организираното производство од десетина декари нагоре. Но, ако некогаш берачите бараа 50 денари сатнина, сега таа е качена на 250 денари. Ако на тоа се додадат и трошоците за превоз до парцелите, тутунот тешко дека ќе покрие и обезбеди солиден живот и со просечна цена со субвенции од пет евра од килограм. 

Сепак прилепските тутунари, во борбата за егзистенција или за дополнување на семејното ќесе, не се откажуваат од традицијата на одгледување на тутунот.  Тутунот им е судбина и им “врие во крвта”.

Loading